📽 Пораката која Израел ја испрати до Газа неколку минути пред почетокот на прекинот на огнот

од Stefanija Kuzmanovska
199 прегледи

Неколку моменти пред официјалниот почеток на привремениот прекин на огнот, израелската армија објави видео на социјалните мрежи во кое ги предупредува жителите на Газа дека „војната сè уште не е завршена“.

„Хуманитарната пауза е привремена“, рече Авичај Адрае, портпарол на израелските одбранбени сили, кој зборуваше на арапски.

„Северниот појас Газа е опасна воена зона и движењето кон север е забрането. За ваша безбедност, мора да останете во хуманитарната зона на југ“, им порача тој на жителите на Газа.

Утринава во 7 часот стапи на сила четиридневното примирје меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, а попладне ќе бидат ослободени 13 заложници.

Катар, заедно со Египет и САД, посредуваа за договор за прекин на огнот врз основа на кој 50 заложници држени во Газа ќе бидат ослободени во замена за 150 палестински затвореници во Израел.

Примирјето првично требаше да стапи на сила во среда, но беше одложено за денеска во 7 часот по локално време. Првото ослободување на заложниците, 13 жени и деца, се очекува околу 16 часот.

Војната беше предизвикана од ненадејните напади на Хамас врз Израел на 7 октомври. Повеќе од 1.200 луѓе беа убиени, а околу 240 беа киднапирани и однесени во Газа.

Израел потоа се закани дека ќе го уништи Хамас и непрекинато го бомбардираше Појасот Газа, а потоа започна копнена офанзива во која загинаа повеќе од 14.800 Палестинци, меѓу кои и повеќе од 6.000 деца, според владата на Хамас.

Слични содржини