Маријана Буданова, сопругата на шефот на украинската воена разузнавачка служба Кирил Буданов е отруена, изјави за „Киев Индипендент“ претставник на воената разузнавачка агенција (ГУР), кому во моментов не му е дозволено да излегува во јавност.
Украинскиот медиум „Бабел“ објави претходно денеска, повикувајќи се на неоткриени извори на воено разузнавање, дека Буданова е хоспитализирана поради труење со тешки метали.
Претставник на ГУР го потврди извештајот на „Бабел“ во коментар за „Киев Индипендент“. Наводно таа била хоспитализирана по долготрајно влошување на здравствената состојба.
„Лекувањето е во тек, а потоа следи преглед“, изјавил нивниот извор.
„Овие супстанции на никаков начин не се користат во секојдневниот живот и воените работи. Нивното присуство може да укаже на намерен обид за труење на одредена личност“, додаде тој. Приказната ја потврдија и анонимни извори за „Украинска правда“.
Била отруена со храна?
„Вистина е дека сопругата на Буданов била отруена. Таа се пожали дека не се чувствува добро, па направивме тестови и открија дека е отруена“, објаснуваат тие. Додаваат дека Буданова „најверојатно била отруена од храна“.
„Сега е подобро бидејќи ја помина првата фаза од лекувањето. Со оглед на тоа што сопругата на Буданов е прилично ситна и лесна, брзо ѝ се појавија симптоми. И за уште неколку вработени беше потврдено дека се отруени, но тие се со поголема градба, па не забележале никакви знаци на тоа. Тие сега се на лекување“, велат изворите.
Портпаролот на ГУР, Андриј Јусов, претходно изјави дека Русија во минатото неколку пати се обидела да го убие Кирил Буданов.