Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров доцна синоќа пристигна во Скопје, за да присуствува на министерскиот состанок на ОБСЕ.
Авионот со кој Лавров патувал до Скопје прелетал околу 4.000 километри и ги прелетал Турција и Грција, иако првично беше планирано да лета до Скопје преку Бугарија, па летот затоа траел повеќе од 5 часа, пренесува руската агенција ТАСС.
Руската новинска агенција наведува дека бугарската страна одбила да го отвори својот воздушен простор за авионот на Лавров доколку во авионот е портпаролката на МНР, Марија Захарова.
„Се дава дозвола на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и на делегацијата што го придружува да учествуваат на средбата во Скопје. Оваа дозвола не се однесува на директорката на Одделот за информации и печат на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, која е на листата на санкции на ЕУ“, се вели во соопштението на бугарското МНР.
Експертите, пак, сметаат дека овој потег не е поврзан со санкции, бидејќи Лавров е и на црната листа на ЕУ.
„Веројатно официјална Софија се плаши од Захарова дури и кога само лета над Бугарија“, изјавил за дописникот на ТАСС неименуван дипломатски извор.
Захарова ги обвини бугарските власти, повикувајќи се на Чикашката конвенција за меѓународна цивилна авијација од 1944 година. Таа прецизира дека територијата на државата вклучува „копнени територии и територијални води во непосредна близина на нив“. Воздушниот простор не е означен со терминот „територија“. Затоа, според Захарова, санкциите на ЕУ не можат да влијаат на лице кое патува со авион на кое му е забрането да влезе на нечија државна територија.
Во Скопје не дојде до средба помеѓу Ентони Блинкен и Лавров бидејќи американскиот државен секретар веќе ја напушти државата.
Претставникот за надворешна политика на ЕУ, Жосеп Борел порача дека добро е што Лавров ќе дојде во Скопје за да слушне и да пренесе зошто Русија е осудена и излолирана.