Македонија добива светско признание, евроинтеграцијата нема да застане се до полноправно членство во ЕУ, велат од СДСМ

од Nikola Popovski
186 прегледи

Според СДСМ, силна поддршка за продолжување на европскиот пат на државата и пристапните преговори упатија од Скопје највисоките претставници на меѓународната заедница, американскиот државен секретар Антони Блинкен и претседателот на Европската комисија Жозеп Борел.

Од партијата на власт истакнуваат дека евроинтеграцијата е процес кој е почнат и нема да застане се до полноправното членство на Северна Македонија во ЕУ.

-Нашите граѓани заслужуваат подобра, побогата иднина, подобар животен стандард, заслужуваат идните генерации да живеат во земја членка на ЕУ, но тоа наместо да биде во некоја друга земја, да биде тука, дома, во Македонија, се вели во соопштението од СДСМ.

Во соопштението се наведува и дека американскиот државен секретар Антони Блинкен порача дека Северна Македонија е силен сојузник и партнер на САД и на сите сојузници во Алијансата и ја повтори силната поддршка за евроатлантската интеграција.

-Претседателот на Европската комисија Жосеп Борел порача дека местото на Северна Македонија е во ЕУ, а одењето по европскиот пат треба да биде пред и над меѓупартиските превирања и повика на завршување на процесот на усвојување на уставните измени за продолжување на европскиот пат, и напредок за клучните реформи, бидејќи тоа не е нешто што носи корист за една политичка партија, туку за целиот народ. Со СДСМ Македонија добива светско признание, велат од партијата на власт.

Во главниот град денеска се одржува Министерскиот совет на ОБСЕ, на кој ќе бидат промовирани безбедноста, стабилноста и соработката меѓу земјите-членки.

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, по заминувањето на Блинкен, слета во Скопје, но не помина преку Бугарија, туку дојде во Македонија преку грчкиот воздушен простор.

Авионот со кој Лавров патувал до Скопје прелетал околу 4.000 километри и ги прелетал Турција и Грција, иако првично беше планирано да лета до Скопје преку Бугарија, а летот затоа траел повеќе од пет часа, јави ТАСС.

Руската новинска агенција наведува дека бугарската страна одбила да го отвори својот воздушен простор за авионот на Лавров доколку во него била портпаролката на Министерството за надворешни работи Марија Захарова.

Во руската делегација има околу 80 луѓе.

Македонија привремено ја укина забраната за руски летови за да и дозволи на руската делегација да присуствува на самитот на ОБСЕ, иако санкциите за другите летови остануваат на сила.

Во Скопје се очекува да учествуваат околу 1.000 делегати, а претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи рече дека нема земја што ќе отсуствува од министерскиот самит.

Османи рече дека и балтичките земји и Украина, која најави отсуство на министрите за надворешни работи, ќе имаат свои делегации со целосни права на одлучување во Скопје.

Слични содржини