Луѓето родени во овој период имаат полошо ментално здравје од останатите

од Stefanija Kuzmanovska
425 прегледи

Луѓето родени во 90-тите имаат полошо ментално здравје од која било претходна генерација, покажа ново истражување.

Истражувачите од Универзитетот во Сиднеј во Австралија користеле анкети за да го следат менталното здравје на речиси 30.000 возрасни лица во текот на една деценија.

Тие откриле дека најмладата генерација поминала најлошо, но и дека нивните емоционални проблеми покажале малку или никакво подобрување во текот на студијата, за разлика од постарите генерации.

„Пред сè, виновни се социјалните мрежи, кои ги натераа учесниците да се чувствуваат како да не се доволно добри“, се заклучува во студијата.

Од 2010 до 2020 година, истражувачите ги следеле луѓето родени во секоја деценија, почнувајќи од 1940-тите и завршувајќи во 1990-тите. Тие потоа го споредиле менталното здравје на секоја група.

„Одамна се сомневаше дека луѓето во триесеттите се психички полоши од оние во педесеттите. Ова е првпат да се докаже“, вели водечкиот автор на студијата, д-р Ричард Морис.

Д-р Питер Болдвин од Институтот Black dog тврди дека технологијата е во голема мера виновна. Тој објасни дека луѓето родени во 80-тите имале интернет, но оние родените во 90-тите имале и социјални мрежи.

„Младите сакаат да знаат дали се доволно добри. Ако отворите Инстаграм и видите сто супермодели, спортисти и претприемачи, многу е тешко да се натпреварувате со нив“, додаде тој.

Австралиското истражување беше објавено во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences.

Слични содржини