Од утре се враќа евтината струја преку ден

од Nikola Popovski
384 прегледи

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски синоќа најави дека од утре од 13.00 до 15.00 часот домаќинствата ќе имаат на располагање и плаќаат дневна евтина тарифа за електрична енергија.

-Со воведување на дневната евтина тарифа домаќинствата ќе имаат на располагање вкупно 11 часа евтина електрична енергија во текот на едно деноноќие од понеделник до сабота и 24 часа во ден недела. РКЕ по направените анализи оцени дека се создадени услови домаќинствата да користат дополнителни часови во коишто надоместокот за потрошената електрична енергија ќе се пресметува по евтина тарифа. Податоците укажуваат дека инвестицискиот циклусот во обновливи извори на енергија го зголеми производството на електрична енергија со што директно се влијаеше врз намалување на цената преку ден, рече Бислимоски во гостување на дебатна емисија.

Тој објасни дека цената во текот на денот од март до октомври во тој период е за два до три пати пониска, отколку кога ќе се затемни, со што и ЕСМ и ЕВН ќе се стимулираат да купуваат струја во тие термини од слободниот пазар.

Евтината дневна струја ќе биде достапна за околу 200.000 домаќинства што имаат смарт броила. За останатите потрошувачи, оваа поволност ќе се вклучува постапно во текот на декември, заедно со читањето на струјомерите, информираа денеска од Електродиструбиција, фирма-ќерка на ЕВН.

Евтината тарифа преку ден беше воведена во октомври 2017 година. Владата ја укина на 1 јануари 2022, кога имаше зголемување на цената на електричната енергија за 9,48 отсто. Ако останеше евтината тарифа граѓаните ќе требаше да плаќаат поскапа струја за 14,23 отсто.

Граѓаните и понатаму користат евтина струја само во текот на ноќта, од 22 до 7 часот секој ден и во недела цел ден.

Слични содржини