Нов сет антикризни мерки: Конкретни мерки за стабилизација или ефтин предизборен поткуп?

од Nikola Popovski
1,1K прегледи

Финансиски средства за основците и средношколците, ваучери за студентите и помош за пензионерите, поддршка за земјоделците и компаниите. Ова е предвидено во деветтиот пакет антикризни мерки на Владата, со 26 ставки во вредност од 662 милиони евра. Премиерот Димитар Ковачевски најави дека е предвидена неколку месечна парична помош за најранливите категории граѓани. Мерките ќе важат од 1-ви декември, а парите се обезбедени од солидарниот данок и се предвидени во буџетот.

Дел од јавноста е задоволна од ваквата помош, но дел е незадоволна и смета дека ова е „поткуп“ за граѓаните во пресрет на најавените избори. Според потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ и поранешна заменик-министерка за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска пакетот не е ништо друго, туку „пакет за ефтин предизборен поткуп кој доаѓа само неколку месеци пред двојните парламентарни и претседателски избори“.

Гордана Димитриеска-Кочоска

-И секако износот е далеку помал од ова што го наведуваат. Ова ме потсетува на еден минат период (исто вака за избори) кога се лицитираше со бројки, кога стигнавме да слушнеме дека била дадена 1 милјарда евра помош на граѓаните и стопанството, а Државниот завод за ревизија констатираше многу помалку, но и големи злоупотреби, вели Димитриеска-Кочоска.

Посочува дека државата е во постојана финансиска и енергетска криза во последните години поради, како што вели, неспособноста на оваа влада. Смета дека „доблесно ќе беше да излезат и да го кажат тоа, да кажат оваа влада ги погреши сите мерки поврзани со инфлацијата, ви го уништи животниот стандард и сега одлучи на овој начин малку да ви помогне“.

-Внимавајте, во изјавите точно наведуваат бројки на пензионери, на млади лица чиј приход дома е под 50.000 денари. Дали тоа не се поразителни бројки? Наместо да ја намалуваат сиромаштијата тие од 2017 година навака ја зголемуваат. Кој е виновен што државата не оди напред? Кој е виновен што цената на струјата порасна за повеќе од 50%? Кој е виновен што 1.000 денари денес не вредат ништо? Затоа веќе смешно е да се повикуваат на некаква криза туку јасно треба да кажеме дека оваа криза има име и презиме, а тоа се ДУИ и СДС, истакнува потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ.

Соговорничката се согласува дека треба мерките да бидат системски одржливи и на долг рок. Смета дека не може еднаш на пензионерите да им ја менувате методологијата за пресметка на пензии и како резултат на тоа неколку години со ред пензиите речиси и да немаат раст, а потоа да ја вратите старата методологија и да се фалите дека нешто сте направиле.

-СДС и ДУИ ги уништија пензионерите и денес јазот помеѓу највисоката и најниската пензија е поголем од било кога. Денес има огромна сиромаштија кај пензионерите. Затоа ние како ВМРО-ДПМНЕ предложивме мерка за првата година пораст на пензиите линеарно за 5.000 денари. Исто така сериозно работиме на системски решенија за основците и учениците од средно образование, за студентите, за дуалното образование, за децата да останат во Македонија. На бизнисот посветуваме посебно внимание, притоа огормен фокус ставаме на борба против корупција и криминал. Нашата програма ќе биде многу внимателно изработена затоа што ја спрема тим од врвни економисти кои се фокусирани на системски и подолготрајни решенија, ни порача Димитриеска-Кочовска.

Проф. Зоран Ивановски

Од друга страна, професорот по финансии и економија, Зоран Ивановски посочува дека Владата остана доследна на својата политика да интервенира со одреден пакет на мерки за справување со последиците од кризите. Во разговор за „Локално“, истакнува дека таквата политика наликува „на користење на кофа за наводнување на градините“, каде финансиските ресурси на државата се разлеваат на голем број на корисници, најчесто за помош на ранливите категории и намалување на сиромаштијата, при што „останува перцепцијата дека голем дел од помошта има големи шанси да заврши и кај погрешни корисници“.

-Мојата проценка е дека таквата политика нема да донесе економски напредок на државата, односно само краткорочно ќе влијае на ублажување на неповолните економски тенденции во државата. Многу подобри резултати и за економијата и за владата ќе се добиеа со концентрираното искористување на буџетските средства за изградба на капитални и инфраструктурни проекти, од што корист ќе имаше целото општество, а ефектот ќе се пресликаше и на пораст на БДП, вели Ивановски.

Според него, поголемиот дел од општеството очекува да види конкретни резултати од Владата, како реализирани крупни проекти во енергетиката, сообраќајната инфраструктура, здравството и социјалната сфера.

-Мерката ќе влијае на краткорочно подгревање на потрошувачката, а веројатно и на пораст на инфлацијата, со скромен ефект на економскиот раст. Вака конципиран пакетот на мерки, наликува на мерките од соседната Србија, каде е во тек предизборна кампања и за кој тамошната опозиција обвинува дека е насочена кон привлекување на гласачи. Останува да видиме на следните избори дали калкулациите на Владата ќе имаат ефект на гласачите, заклучува професорот.

Н.П.

Слични содржини