Претседателот Пендаровски се обрати на Светскиот самит за климатски активности во рамки на COP28

од Radmila Tasevska
215 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени – COP28 која се одржува во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, денеска се обрати на Сегментот на високо ниво на Светскиот самит за климатски активности.

Во своето обраќање, претседателот Пендаровски посочи дека Северна Македонија, сместена во еден од најранливите климатски региони во светот, Медитеранот, е мала земја со големи климатски амбиции и посочи дека наша цел е да ги намалиме за 82% нето емисиите на стакленички гасови до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година.

Овде, на COP28, заедно со ЕБОР ќе ја лансираме Инвестициската платформа за правична енергетска транзиција, која ќе ни помогне да ги мобилизираме потребните средства за да се префрлиме на обновливи извори, да ги забрзаме инвестициите во мрежата и да создадеме висококвалитетни зелени работни места за рударските заедници. Оттука, сакаме да ги поканиме потенцијалните партнери и донатори да се приклучат на оваа платформа и да докажеме дека правичната енергетска транзиција не само што е неопходна, туку е и можна и достапна. Со тоа, ние ќе се усогласиме со Глобалната заложба за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност на ЕУ, изјави Пендаровски.

Слични содржини