Израел: Преговорите за прекин на огнот влегоа во ќорсокак

од Stefanija Kuzmanovska
254 прегледи

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска му нареди на преговарачкиот тим на израелската разузнавачка агенција Мосад да се врати во Израел од Катар, бидејќи разговорите за продолжување на примирјето во војната меѓу Израел и Хамас влегоа во ќорсокак.

„Терористичката организација Хамас не ги исполни своите обврски врз основа на договорот кој вклучуваше ослободување на сите жени и деца заложници на списокот што таа го обезбеди и одобри“, се вели во соопштението на кабинетот на Нетанјаху.

Во преговорите учествуваа и шефот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) и премиерот на Катар. Шефот на Мосад им се заблагодари за „огромните напори“ што доведоа до ослободување на 84 жени и деца од Газа и 24 странски државјани киднапирани од Хамас.

Кога прекина примирјето вчера, во Газа останаа 136 киднапирани лица – 114 мажи, 20 жени и 75 постари лица. Повеќето од нив, 125 се Израелци, а 11 се странци, од кои осум се од Тајланд, јавија израелските медиуми.

Израелската армија денеска продолжи да го бомбардира Појасот Газа, еден ден по завршувањето на примирјето со кое се овозможи ослободување на заложниците во замена за 240 Палестинци кои се наоѓаа во израелските затвори, жени и малолетни мажи, а дозволи и испорака на хуманитарна помош на населението во Газа.

Слични содржини