„Додека оваа влада креира мерки за поткуп со кој го потценува народот со 500 или 1000 денари, јавноста мора да знае дека милионите течат во приватни џебови од државни тендери. Власта на СДС и ДУИ на заминување се утепа од крадење во последните денови од власт и нормално местото за крадење и „златната кокошка“ за крадење е РЕК Битола и Електрани на Македонија со омилената компанија на власта Марковски Компани од Битола која што ги добива сите возможни тендери во РЕК Битола“, соопшти потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
„Денес ќе презентирам фрапантен случај како броилото на власта врти додека народот осиромашува. Пред вас презентирам договор кој во суштина е рамковна спогодба за ангажирање на 10 булдожери гасеничари од Марковски Компани кои треба да бидат ангажирани во РЕК Битола во период од 18 месеци по замислете неверојатни 16.253 денари по час. Повторувам 16.253 денари по час или вкупната вредност на оваа рамковна спогодба е 9 милиони и 200 илјади евра кои Марковски Компани треба да ги добие за ангажирање на само 10 булдожери гасеничари во рамките на РЕК Битола. Овој договор кој го презентирам и кој кажав дека чини неверојатни 16.253 денари по час, значи дека Марковски Компани за само еден ден од РЕК Битола ќе наплаќа 6.300 евра, или за сите 10 булдожери ќе наплаќа 63.000 евра“, истакна Николоски.