Европскиот сојуз за промени ја напушти лидерската средба во Собранието, откако средбата била напуштена од претседателот на Парламентот, Талат Џафери. Како што рече Изет Меџити, точката од дневниот ред беше членот во ДИК.
-Ние елабориравме, тој ја напушти седницата и затоа излеговме бидејќи немаше со кого да ги соочиме аргументите. Бараме предвремени парламентарни избори, рече Меџити.
Тој рече дека соодносот на силите во ДИК сега е четири спрема два во корист на власта и дека според изборниот законик соодносот треба да биде четири спрема три.
Во однос на техничката Влада, Меџити смета дека треба да има, а министрите да припаднат на албанската опозиција, со цел да, како што рече, да се отстрани дел од режимот.
Тој истакна дека бараат предвремени парламентарни избори бидејќи оваа влада не го исполнила главното ветување а тоа е интегрирање на државата.
-Така нашиот предлог за датумот на изборите е 14 и 28 април, така што на 28 април ќе биде вториот круг од парламентарните и претседателските избори за да не дојдеме во ситуација кога некој не ги прифаќа резултатите, рече Меџити.
Што се однесува до членот на ДИК, Меџити, рече дека спикерот Џафери овој процес го пролонгира цело време, околу една година и има намера да не се избере новиот член и ДИК да не биде комплетен.
Едно од барањата на албанската опозиција е да се овозможи на изборите да гласа и дијаспората преку пошта или електронски.