Украинскиот претседател Володимир Зеленски наводно го „заобиколува“ врховниот командант Валериј Залужни во комуникацијата со некои воени команданти, што ја отежнува неговата способност целосно да командува со вооружените сили на Украина, пишува „Украинска Правда“, повикувајќи се на анонимни извори.
Оваа информација доаѓа во време на шпекулации во западните и украинските медиуми за наводни несогласувања, кои добија големо внимание во јавноста по авторскиот текст на Залужни за воената состојба за „Економист“.
Наместо директно да комуницира со Залужни, претседателот одржува паралелни комуникациски линии со шефовите на некои воени ограноци, како што се командантот на армијата Олександр Сирски и командантот на воздухопловните сили Микола Олешук, изјавија извори за украинскиот весник.
Залужни, наводно, добива некои информации од своите подредени само на состаноци на штабот на врховниот командант.
„Се добива впечаток дека Зеленски ги подели вооружените сили во две групи: ‘добрата’ со која командуваше Сирски и други фаворити и ‘лошата’ подредена на Залужни“, навел извор од најтесниот круг на врховниот командант на вооружените сили на Украина.
„Ова во голема мера го демотивира врховниот командант и што е најважно, го спречува да командува со целата армија“, рече изворот.
Извори на „Украинска Правда“ тврдат дека Зеленски понекогаш донесува одлуки за воени прашања водејќи се од политички причини.
Еден наведен пример е отпуштањето од страна на претседателот на сите регионални службеници за регрутирање, по извештаите за масовна корупција.
Тоа предизвика тензии со Залужни, кој иако ја призна потребата за борба против корупцијата, укажа на проблемите со напорите за мобилизација, додава еден од изворите.
Она што изгледаше како брз и одлучувачки потег од политичка гледна точка, наводно, имал сложени последици во воената сфера.
Сличен ефект имаа и неодамнешните кадровски промени, како смената на командантот на силите за специјални операции Виктор Горенко.