Кривичен определи 30-дневен притвор за Палевски

од Nikola Popovski
236 прегледи

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, донесе решение со кое го прифати предлогот на обвинителството и на Љупчо Палевски-Палчо од Скопје, му определи мерка притвор од 30 дена од денот на неговото пронаоѓање и лишување од слобода, а поради постоење на основите од член 165 став 1 точка 1,2 и 3 од ЗКП односно опасност од бегство, ќе ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоци или ќе го повтори кривичното дело.

Согласно наредбата за спроведување истражна постапка, за лицето постои основано сомнение за кривичните дела Убиство од чл. 123 ст.2 т.7 вв со чл. 22, Грабнување од чл. 141 ст.2 вв ст.1 вв. чл. 22 и Предизвикување општа опасност од чл. 288. ст.1 вв со чл. 22 од КЗ.

-Воедно, како што информиравме и во текот на вчерашниот ден, судијата на претходна постапка го прифати предлогот на Јавниот обвинител за определување мерка краткотраен притвор од 48 час против А.Ѓ. заради постоење на основите до чл. 165 ст.1 точка 1 и 2 односно опасност од бегство и попречување на истрагата со влијание врз сведоци. И двете решенија, како и известувањето за три други притвор во текот на вчерашниот ден се поврзани со убиството на малолетната В.Ѓ. од Скопје и П.Ж. од Велес, велат утрово од Кривичниот суд.

Палевски не е достапен за органите за прогонот. Тој на 30.ноември ја напуштил земјава и се упатил кон Белград, од каде му рекол на својот адвокат дека ќе иде за Бугарија. Засега не е познато дали е се уште на територија на нашиот источен сосед.

Вчера од бугарското МВР сооопштија дека Палчо не се наоѓа на територија на Бугарија. При првиот ден од објавувањето на деталите за осомничените за убиството на Вања, се шпекулираше дека Палевски избегал во Турција, но таа информација не може да се потврди.

Слични содржини