Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок рече дека земјите од Западен Балкан целосно припаѓаат на Европската унија и дека целта на Германија е зајакнување на ЕУ, во која ќе бидат вклучени и земјите од регионот.
„Во свет каде што кризите и конфликтите се преклопуваат во непосредното соседство на Европа, ни треба Европска Унија која ќе дејствува брзо и одлучно утре и задутре и ќе остане безбедносно сидро за сите нас во Европа. Германија и Словенија се обединети во зајакнувањето на нашата заедничка Европа, правејќи ја погодна за иднината и вклучувајќи ги земјите од Западен Балкан меѓу нас. За нас силната Европска унија, исто како НАТО, е незаменливо животно осигурување во неизвесни времиња“, се наведува во соопштението на Бербок објавено на веб-страницата на германското министерство за надворешни работи.
Таа рече дека земјите од Западен Балкан „целосно и апсолутно“ припаѓаат во Европската унија.
„Ова не се само празни зборови. Тоа е во наш безбедносен интерес – во Љубљана, во Берлин и во цела Европа. За да се постигне ова, мора да се завршат неопходните реформи во земјите кои сакаат да станат дел од европското семејство. Истовремено, ЕУ мора да го одржи зборот и да преземе чекори во процесот на проширување, кога ќе се исполнат условите“, заклучи Бербок.