Вања Ѓорчевска (14) починала прострелна рана, но обдукцијата ќе одговори на сите прашања, изјави синоќа на вонредна прес-конференција, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изнесувајќи детали за апсењето на убиецот Љупчо Палевски-Палчо во Турција.
-Овој монструм е виновен за двојно убиство и по него беше распишана меѓународна потерница киднапирање и убиство. Црвена потерница. Врз основа на нашите оперативни сознанија за тоа каде се движи патеката, не застанавме тука, туку ја продолживме билатералната соработка за фаќање на монструмот. На територијата на Скопје се пронајдени два пиштоли за кои се чека вештачење, соопшти министерот.
Истовремено информираше дека е пронајден телефонот на Вања, но не и на која локација.
-Телефонот е пронајден, кратко одговори Спасовски.
Истакна дека Палчо контактирал и со лица во Македонија додека бил во бегство.
-Ги имаме, не можеме да ги споделиме, одговори Спасовски на прашањето со кого контактирал Палчо од земјава..
Во врска со процесот за екстрадиција на Палевски во Македонија, министерот рече дека тоа ќе се одвива по процедура и очекува да се заврши најбрзо што може.
МВР претходно поднесе кривична пријава за двете убиства. Обвинителството сега преминува во фаза на истрага против пет лица. Четворица од нив се осомничени за грабнување и убиства на Ѓорчевска и Жежовски. Таткото на Вања, Александар е осомничен за помагање при извршување на кривичното дело – Грабнување на малолетно лице.
Вања била киднапирана во понеделникот на 27 ноември околу 07:30 часот, а според изјавите на осомничените, од кои едниот бил сведок на самиот чин, таа била убиена истиот ден околу 10:00 часот.
Нејзиното тело е пронајдено во атар на селото Бразда на периферијата на Скопје, каде што се наоѓал и опожарениот автомобил „Цитроен“ кој бил користен за нејзиното киднапирање.
На убиството на Вања му претходело киднапирање и убиство на 74-годишниот Панче Жежовски, сопственик на „Цитроенот“, кој, според истрагата, бил убиен поради долг од 500 евра.