Министерството за внатрешни работи синоќа откри дека уште едно лице кое му помагало на осомничениот Љупчо Палевски-Палчо да стигне до посакуваната дестинација – Турција. Струмичанецот Стефан Димковски, татко на две деца, е возачот кој од Белград до граничниот премин со Турција го носел Палчо.
Димковски вчера попладне бил уапсен од македонската полиција на граничниот премин Дојрани. Тој самиот објави слики од рутата на своите профили на социјалните мрежи истиот ден кога се возел со Палевски.
На социјалните мрежи Димковски има фотографии од симболот на партијата „Десна“ на чело со Палевски.
Пат преку Белград
Палевски на 30 ноември со возило „Шкода Супер Б“ управувано од неговиот адвокат бил пренесен во Србија. Таму ноќта ја поминал во хотел, од каде Димковски следниот ден со џип „Ленд ровер“ го презел и го донел во Бугарија, а потоа преку граничниот премин Градина во Турција.
„Македонското Министерство е во контакт со полицијата во Турција, како и со нивните оперативци. Ни потврдија дека Палевски е пронајден во Баликесир и дека сакал да замине во Истанбул. Чекал такси да го однесе, но направил симулација и се вратил назад. Бил уапсен од тамошната полиција додека се движел по еден од автопатите кај Баликесир“, изјави синоќа Спасовски.
Палевски ќе им биде предаден на македонските власти по завршување на екстрадициската постапка, за која Спасовски вели дека се надева дека ќе биде завршена што е можно поскоро.
Во околината на Скопје се пронајдени два пиштоли кои се поврзани со убиствата. Пронајден е и мобилниот телефон на Вања. Спасовски потврди дека Вања бил застрелана, а не задушена, како што се шпекулираше. Тој очекува истрагата за убиството на Вања да се прошири.
Таткото на Вања, Александар е осомничен дека помагал во извршувањето на кривичното дело киднапирање малолетно лице.