Министерот за правда Кренар Лога го потпишал барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски и откако ќе биде преведено на турски јазик ќе биде веднаш испратено на турските власти, односно до Министерството за правда на Република Турција, информираат од Министерството за правда.
Оттаму очекуваат соработка со правосудните органи на Република Турција и постапување од нивна страна во најкус можен рок по што Љупчо Палевски ќе биде изведен пред органите на правдата во нашата земја.
Во соопштението од Министерството за правда се наведува дека очекуваат Турција веднаш да постапи по нивното барање за екстрадиција.
„Министерството за правда ја започна постапката за екстрадиција и ја прибира целата документација од институциите што е потребна за нејзино спроведување. Воспоставени се контакти со ЈОРСМ и ОЈО Скопје со цел соодветно комплетирање на досиејата за тоа како може да постапи Министерството за правда. Се координираме со сите надлежни институции да постапат веднаш и нема да чекаме да истече рокот од 40 дена за поднесување барање за екстрадиција“, соопштија од ресорот правда.
Љупчо Палевски-Палчо е уапсен вчера во Турција, во градот Баликесир.