Пендаровски: Франција е наш придружник и во добро и во лошо, пријателството треба постојано да се негува за да опстои

од Nikola Popovski
138 прегледи

Триесет години не се многу ни во еден обичен животен век на човекот, а не пак во односите меѓу државите. Инаку, оваа бројка, на некој начин може и да нѐ залаже. Имено, македонско –француските врски, посебно на културен план, имаат далеку подлабоки корени. Францускиот јазик на овие простори бил восприеман како главен вектор на културно-цивилизациските вредности, слободата и напредокот, изјавил претседателот Стево Пендаровски, кој се обратил на приемот, што по повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Француската Република, се одржа вчеравечер во Скопје.

Шефот на државата истакна дека во текот на сите овие изминати 30 години, Франција беше наш придружник и во добро и во лошо.

-На тој пат, имаше подеми и падови, имаше егзалтации и разочарувања. Меѓутоа, нашата определба за полноправна интеграција во Европската Унија, наспроти сите тешкотии и предизвици беше и е – константа. Очекуваме Франција, како земја која има толку многу вложено во изградбата на заедничкиот европски дом, но и во македонскиот дел од заедничката визија за обединета Европа, да продолжи, како и до сега, да не поддржува на тоа долго патување, порача Пендаровски.

Заклучи дека пријателството меѓу државите и народите, како и меѓу поединците е доблест која треба постојано да се негува за да опстои.

-Да останеме посветени на одржување на блиските односи и соработката меѓу Северна Македонија и Француската Република, побара претседателот.

Слични содржини