Сакам да кажам генерално и да порачам дека политиканството во вакви случаи на убиства, уште еднаш ги убива жртвите и тоа не е добро, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, запрашан како ја коментира изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека полицијата предоцна ја започнала истрагата за убиството на малата Вања Ѓорчевска.
Според Спасовски, тоа се политиканства од најдолен вид што ги преземаат такви екстремни десничарски кругови.
-Не сакам сите да се приклучуваме во политиканство, туку да се прошири истрагата и сите криминални гнезда да бидат откриени и уништени. Секако дека тука се испитуваат и многу видови на комуникација кои што ги имале осомничените со лица надвор од круговите. Важно е радикалните структури да бидат разбиени. Упатувам апел до сите да имаме одговорно однесување. И Мицкоски и сите што имале докази, да ги предадат веднаш на истражните органи. Доколку не се предадат, тоа е кривично дело, кажа Спасовски по работната средба со раководствата на СВР Битола, СВР Охрид и РЦ Запад.
Околу приведувањето на адвокатот на Љупчо Палевски-Палчи, министерот истакна дека се уште трае распитот и кога ќе заврши ќе одлучат надлежните служби дали ќе биде одреден притвор и за него.
-Уште вчера се работи на подготовката и преведувањето на документацијата за екстрадицијата на Палевски. Очекувам денеска целосно да биде подготвено, кажа првиот полицаец.
Спасовски додаде дека Палевски патувал низ Србија, Бугарија и Турција со македонски пасош.
Мицкоски смета дека има големи недостатоци во истрагата за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, соопштија вчера од неговата партија.
Мицкоски, како што соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, во емисијата „Интервју“ на телевизија „Шења“ оценил дека истрагата за Вања почнала доцна.
-Многу брзо од денеска јавноста ќе ги знае сите детали. Има детали и големи недостатоци во истрагата. Погледајте кога објавува ќерката на лицето кое е исчезнато со неговото возило, видете која е датата кога, за жал, малата Вања исчезнува и потоа видете кога почнува истрагата, рекол Мицкоски.