Анџелина Џоли искрена: „Холивуд не е здраво место, ако избирав сега – не би била актерка“

од Stefanija Kuzmanovska
407 прегледи

Анџелина Џоли е една од најпопуларните актерки во светот, а покрај улогите, вниманието често го привлекуваше и со приватниот живот.

Посебно се пишуваше и зборуваше за нејзиниот брак со Бред Пит, со кој има шест деца – три посвоени и три биолошки, како и за разводот од него.

Сега, во ново интервју, таа зборуваше за бројни теми од нејзиниот живот, вклучувајќи го и растењето во Холивуд.

„Растев на прилично плитко место. Холивуд не е здраво место, па затоа имате потреба да барате автентичност“, изјавила таа за WSJ.

Актерката истакнала и дека доколку денес бира професијата, никогаш не би била актерка.

„Денес не би била актерка. Кога започнав немаше толку многу очекувања да бидете јавни и да споделувате толку многу“, рече Анџелина и нагласи дека театарот е исклучок.

Пред седум години се повлече од јавниот живот и од актерството, кога се разведе од Пит.

„Моравме да се лекуваме. Имаше работи од кои требаше да се опоравиме“, рече таа, коментирајќи го фактот дека со децата се изолирала од се и секого.

Сепак, таа вели дека го разбира интересот на луѓето за нејзиниот личен живот.

„Уште кога бев млада, луѓето го сакаа делот од мене кој беше силен и можеби малку подив. Мислам дека тоа е делот во кој луѓето уживаа. Јас не сум онаа од која сакате да слушнете за болка и тага. Знаете, не е забавно“, искрена е актерката.

Таа не го крие фактот дека би сакала еден ден да се пресели од Лос Анџелес во својата куќа во Камбоџа.

„Тоа делумно се случи по разводот. Ја изгубив можноста слободно да живеам и патувам. Ќе се преселам кога ќе можам“, заклучила Анџелина Џоли за споменатиот медиум.

Слични содржини