Жена добила сметка за вода од 15.000 евра, па од шок завршила во болница

од Nikola Popovski
249 прегледи

Откако 88-годишна Италијанка добила сметка за вода, завршила на Одделение за интензивна нега во болница. Таа била хоспитализирана откако дознала дека мора да плати повеќе од 15.000 евра за вода, објави „Rai News“, додавајќи дека моментално се наоѓа во критична состојба.

Нејзината банка веќе префрлила половина од парите за сметката на тамошниот водовод бидејќи жената претходно дала дозвола за директно подигање пари од жиро сметката.

Се претпоставува дека грешката настанала поради неисправно водомерно броило или при грешка во пресметката.

Семејството на 88-годишната жена размислува да ангажира адвокат. Како што соопштиле, пензионерката за периодот од август до октомври требало да плати само 55 евра.

„Ќе разговараме за тоа што ќе правиме. Ова не смее да се повтори“, рекол братот на 88-годишната жена.

„Многу ни е жал за она што се случи. Веднаш почнавме со потребните проверки и стапивме во контакт со семејството на госпоѓата. Потврдено е дека сметката од над 15.000 евра била неточна, бидејќи била пресметана врз основа на лажно фотографско отчитување на водомерното броило. Ја поништивме неточната сметка и фактуриравме реална потрошувачка во вкупен износ од 55 евра“, објасниле од тамошниот Водовод.

Слични содржини