Турција ќе го поддржи членството на Шведска во НАТО под услов САД да го одржат ветувањето и да одобрат продажба на борбени авиони Ф-16 на Анкара, пишува турскиот весник „Хуриет“, повикувајќи се на извори.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган смета дека е погрешно што САД испраќаат борбени авиони во Грција, но одбија да ги испратат во Турција, пишува РИА.
„Проблемот овде не е членството на Шведска, туку недостигот на американска доверба во турската страна. Ако се воспостави таа доверба, патот на Шведска ќе биде трасиран“, наведува Абдулкадир Селви, колумнист во турскиот весник близок до владините кругови.
Во јули 2022 година, Претставничкиот дом на САД усвои амандман на буџетот за одбраната со кој и забранува на американската администрација да продава нови авиони Ф-16 и компоненти за нивна модернизација на Турција се додека Турција го нарушува грчкиот воздушен простор.
Претходно Турција беше исклучена од програмата за производство на ловци-бомбардери од петта генерација Ф-35 поради купување на руски противвоздушни ракетни системи С-400.
Шведска, како членка на Европската унија, се согласи во преговорите со турскиот претседател, во замена за ратификација на апликацијата, да помогне во интензивирањето на процесот на пристапување на Турција во ЕУ. Сепак, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека прашањата за приемот на Шведска во НАТО и пристапувањето на Турција во ЕУ „не се поврзани едно со друго“.