„Жешко е“: Изјава на советник на Нетанјаху за соблекувањето на раселените лица во Газа

од Stefanija Kuzmanovska
280 прегледи

„Ова е Блискиот Исток, многу е жешко“, рече Марк Регев, советник на израелскиот премиер Нетанјаху, обидувајќи се да го оправда она што окупаторската армија им го направи на раселените луѓе во Газа, соблекувајќи им ја облеката и фотографирајќи ги во таква состојба.

Таа изјава ја даде во интервју за британскиот Sky News, откако водителот ги спомна фотографиите кои кружат на социјалните мрежи и предизвикуваат бурни реакции. Станува збор за фотографии на кои десетици раселени Палестинци се врзани без облека.

Одговорот на Регев, кој го пренесува агенцијата „Анадолија“, бил зачудувачки: „Прво, запомнете дека сме на Блискиот Исток, каде што е многу топло. Можеби не е добра идеја да побарате некој да ја соблече кошулата, особено кога е многу сончево, но не е крај на светот“.

Водителот истакна дека израелските сили ослободиле дел од палестинските затвореници, откако било откриено дека тие не се поврзани со движењето Хамас и дека израелската армија нема право да ги соблекува луѓето. На прашањето на водителот дали оваа постапка ја прекршува Женевската конвенција, Регев одговори: „Фотографиите не се службен материјал и треба да се истражи начинот на ширење на видеото, така што Израел не може да преземе одговорност за ова“.

На овој одговор водителот реагирал: „Ако се покаже дека израелската војска ги снимила тие сцени, тогаш тоа нема врска со жештините на Блискиот Исток“.

Откако водителот неколкупати му го повтори прашањето за израелското прекршување на Женевската конвенција, Регев рече дека не е запознаен со меѓународното право по ова прашање.

Во четвртокот, израелската радиодифузна корпорација објави фотографии и видео на кое се прикажани десетици Палестинци од Појасот Газа, кои според неа, израелската армија ги уапсила за време на рација на северот на Појасот, носејќи ги голи на ладно време во притвор.

На фотографиите и видеото се гледаат Палестинци како седат на улица во долна облека, стуткани од студот со рацете на градите, опкружени со бројни израелски војници.

Движењето Хамас го осуди апсењето на цивилите во Газа од страна на израелската окупаторска армија, соблекувањето и фотографирањето, велејќи дека тоа е „дело на платеници и терористичка полиција кои не почитуваат никакви вредности, обичаи или закони“.

Слични содржини