Израелскиот премиер Нетанјаху повтори дека војната во Газа ќе продолжи се додека не се постигнат сите нивни цели, вклучувајќи го и уништувањето на Хамас, пренесува „Ал Џезира“.
Неодамнешната пратка муниција од САД вредна повеќе од 106 милиони долари ги зајакнува воените способности на Израел и неговата подготвеност за долга војна.
Израелскиот Канал 13 исто така објави дека премиерот Нетанјаху формирал таен тим од одбранбениот естаблишмент за да разговара за повоените планови за Газа.
Тимот, предводен од советникот за национална безбедност Цачи Ханегби и министерот за стратешки прашања Рон Дермер, се состанал четири пати и се очекува повторно да се состане оваа недела, се вели во извештајот. Во него се вклучени и претставници на израелската армија, Мосад и Шин Бет.
Мајк Херцог, амбасадорот на Израел во САД, исто така беше на состаноците и САД се запознаени со разговорите, изјави висок функционер за Канал 13.
Нетанјаху претходно рече дека Израел ќе одржи неограничено безбедносно присуство во Газа. Администрацијата на Бајден го поддржува „правото на Израел да се брани“, но го изрази своето противење на повторната окупација на Газа и секое намалување на нејзината територија.