ВМРО-ДПМНЕ за пакетот антикризни мерки: Масовен поткуп за избори

од Nikola Popovski
284 прегледи

Власта спрема масовен поткуп и преку квази помошта сака да купува гласови, вака од ВМРО-ДПМНЕ го објаснуваат најновиот пакет антикризни мерки наменет за најранливите групи на граѓани. Според најголемата опозициска партија, помошта на Владата за компаниите и граѓаните е поткуп за избори.

-Ковачевски игра на картата на кратко паметење и мисли народот ги заборавил изминативе 7 години, но се лаже. Наместо реална помош и покачување на пензиите, Ковачевски мисли дека со 1000 денари за месец или два ќе ги добие симпатиите на пензионерите, кои посче таквиот поткуп повторно ќе останат со мали пензии, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Новиот пакет антикризни мерки е обемен, содржи 23 мерки во вкупна вредност од 662,4 милиони евра, од кои 123,7 милиони евра се со директни фискални импликации, додека останатите со индиректни, а распоредени се во две фискални години. Притоа, три претходно донесени системски мерки, или подобро кажано политики, во 2023 и 2024 година го чинат буџетот дополнителни 516,3 милиони евра.

-Со оваа мерка се опфаќаат 120.000 млади лица, над 74.000 социјално ранливи категории на граѓани, над 187.000 пензионери, 40.000 земјоделци, 600.000 домаќинства и над 70.000 компании. Со системските мерки се опфатени над 300.000 пензионери и над 100.000 вработени во администрацијата. Мерките наменети за граѓаните се во износ од 156 милиони евра, изјави пред 13 дена премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција.

Семејствата со приходи до 50.000 денари, кои имаат школски деца, во наредните шест месеци ќе добиваат по 1.200 денари месечно за основец и по 1.800 денари месечно за средношколец. Со оваа владина мерка ќе бидат опфатени 105.000 ученици.

Околу 15.000 студенти кои студираат надвор од местото на живеење, во наредните седум месеци, ќе добиваат ваучер за превоз од 600 до 1.200 денари месечно.

Пензионерите со пензии до 14.000 денари, во наредните пет месеци ќе добиваат владина помош од 3.000 денари месечно, оние со пензии од 14.000 – 16.000 денари, ќе добиваат по 2.000 денари месечно, а оние со пензии меѓу 16.000 и 19.000 денари по 1.500 денари месечно. Од ова ќе се офајдат повеќе од половина од пензионерите, односно 187.000 луѓе.

Во следните пет месеци по 1000 денари ќе добиваат корисниците на надоместок заради попреченост, самохрани родители, родители на лица со попреченост до 26 години. Буџетот за оваа мерка е 2,7 милиони евра.