Ова е случај што ја тангира целата јавност, но и случај кој што не треба да биде злоупотребен во политички цели. Се што се прави и ќе се прави не допринесува кон целосно расветлување. Се наметнува и политика, иако можат причините да бидат и други. Има многу дезинформаци и лажни вести кои се проширија. Многу теории на заговор во изминатиот период, изјави утрово министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски околу истрагата за грозоморните убиства на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Според него, постојат стандардни оперативни процедури по кои се водат сите случаи и истраги. Вели дека реагираат на секоја објава со која сака да се шпекулира во јавноста.
-И во двата случаи се почнати истрагите и се водени според сите процедури, од моментот на пријавата па до расчистување, рече Спасовски во гостувањето на емисијата на „Слободен печат“, додавајќи дека Јавниот обвинител вчера даде одредени известувања и има надлежност да ги соопштува сите информации.
Спасовски истакна дека МВР постапува и понатаму бидејќи произлегуваат нови аспекти кои треба да бидат разгледани и анализирани.
-Министерот Лога и неговиот тим многу експресно и посветено работеа на подготовката на сите документи за да започне процесот на екстрадиција на осомничениот, посочи првиот полицаец во државата.