Проевропскиот полски премиер Доналд Туск денеска положи заклетва, со што официјално стави крај на осумгодишното националистичко популистичко владеење во Полска.
Министрите во неговата влада, исто така, положија заклетва пред конзервативниот претседател Анджеј Дуда, сојузник на претходната влада на партијата Право и Правда (ПиС).
Церемонијата на полагање заклетва се одржа во претседателската палата во Варшава и го претставува последниот чекор во транзицијата на власта и крајот на осумте бурни години владеење на националната конзервативна партија Право и Правда.
Реконструкцијата на владата уследи по изборите на 15 октомври на кои победи група партии кои учествуваа одделно и ветија дека ќе работат заедно под водство на Туск за да ги обноват демократските норми нагризани под владеењето на партијата Право и Правда и да ги поправат врските со сојузниците кои исто така беа затегнати.
Туск и министрите пристигнаа во претседателската палата со автобус со црвено-белите бои на националното знаме и натпис „Благодарам Полска“, а беа пречекани од бројни поддржувачи.