Денешната средба е добар повод да потврдиме дека сакаме земјите од Западен Балкан да бидат во ЕУ. Ова вчера го изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, пред почетокот на заедничката средба на шефовите на држави и влади на земјите од ЕУ и од Западен Балкан во Брисел.
Тој посочи дека ЕУ очекува повеќе реформи од овие земји, особено во правосудството. Мишел го повтори ставот дека ЕУ треба да биде подготвена за проширување до 2030 година.
-Напредокот на земјите од Западен Балкан го оценуваме по заслуги. Уверен сум дека наскоро може да се преземат дополнителни чекори за нив, додаде Мишел.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, истакна дека Република Северна Македонија, Албанија и Црна Гора ќе добијат дополнителни два милиони евра од ЕУ за борба против сајбер нападите. Според него, поголема поддршка треба да добијат земјите од Западен Балкан кои ги спроведуваат одлуките на надворешната политика на ЕУ.
-Има добри аргументи да се придвижиме напред во пристапниот процес на различни земји. Процесот е врз основа на заслуги, и ова од една страна е охрабрување за кандидатките да ги направат неопходните реформи. Од друга страна, процесот за нас во ЕУ значи дека треба да признаеме ако е направен напредок од земјата- кандидатка, изјави претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен.
На самитот потврдено дека отворање на поглавја со земјава е можно само ако има уставни промени.
Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека Северна Македонија нема друга алтернатива освен да ја исполни својата ЕУ агенда. Успешното завршување на скрининг процесот за земјата, според претседателот на Владата е изразена поддршка за следните чекори на патот на евроинтеграциите на Северна Македонија, со цел непречен тек на преговарачкиот процес.
Во таа насока премиерот на Самитот посочи дека овој ден за Северна Македонија можеше да е победнички ден, во кој земјата по успешниот скрининг успешно и брзо продолжува со отворање на поглавјата и евроинтеграцискиот процес. Огромна е штетата што опозицијата во земјата е главен кочничар на европската иднина на државата. Граѓаните со денешниот ден и конкретно можат да се уверат дека со вакво анти-еу и анти нато позиции на опозиција, тие ќе бидат лишени од можноста забрзано да се приклучат на прогресивното европско семејство.