Советниците во Карпош „ни под разно“ не го прифаќаат ДУП-от за „Алумина“: „Не сме Дубаи или Торонто – општината треба да се шири, но не во урбаниот дел“

од Nikola Popovski
1,6K прегледи

Бетонско чудовиште или современ деловен комплекс како во познатите светски градови? Ова е дилемата што се поставува откако беше презентиран ДУП-от за земјиштето кај поранешната фабрика „Алумина“ во општина Карпош. Со ДУП-от се дозволува изградба на згради со 35 ката. Планот во моментов е на јавна анкета, а анкетни листови можат да поднесат само сопствениците на земјиштето.

Голем број советници од општината се противат на изградбата на ваквиот грандиозен комплекс и најавуваат дека нема да го гласаат ваквиот ДУП. Според Владимир Бислимовски, координатор на советничката група на СДСМ во Советот на општина Карпош, целиот овој проект е мегаломански и претеран.

Владимир Бислимовски

-Неколку пати јавно имам дискутирано по однос за овој ДУП кај Алумина. Минатава недела имаше средба со граѓани, каде што јавно станав и го кажав ставот на своетничката група на СДСМ. Ние ниту сме Дубаи или Торонто и на граѓаните не им треба ваква работа. ДУП нема да гласаме. Сме за хумана урбанизација, но ова е премногу. Нашиот став е дека Карпош треба да се шири, меѓутоа не во урбаниот дел. Во околината на Карпош, каде може да се прават куќи и зградички, е во ред, меѓутоа каде што има граѓани, нема шанси да поддржиме ваква работа, вели Бислимовски за „Локално“.

Дел од луѓето што живеат таму велат дека со канализација од 1963 година и улици како „Прашка“ и „Париска“ каде не можат да се разминат две коли, не може да се градат населби со висококатници. За Бислимовски и да дојде до реновирање на мрежата, не треба да се изгради голем проект како што е најавено.

-Мора да се среди канализацијата. Нема по 50-60 години поминато, а нема асфалт или поправена мрежа. Без разлика на тоа, ние нема да го поддржиме ДУП за Алумина, бидејќи не е толку проблем за нас канализацијата – тоа е решлива работа, ќе се ископа, ќе се сменат цевките. Проблем е тоа што веќе сме пренаселена населба, таму треба да има 1500 нови жители. По просек по две возила на секое семејство, знаете што ќе се случи? Еве улицата „Прашка“ е на задната страна, поминете од таму ќе видите што се случува? Не поддржуваме таму никаква градба, ни под разно, дециден е координаторот на советничката група.

Мартин Димоски

Со сличен став е и советникот во општината од редовите на Левица, Мартин Димоски. Тој потенцира дека Карпош нема капацитет во било кој поглед да издржи вакви градби.

-Всушност, Општина Карпош не може да ги издржи ниту постоечките згради кои беа изградени изминатите десеттина години. Негативниот ефект од тие градби веќе го чувствуваат жителите на Карпош. Оттука, секое продолжување на традицијата на бетонизација на Општината многукратно негативно ќе се одрази во секој поглед во секојдневието на Карпошани, порачува Димоски за „Локално“.

Жали што проширувањето на улиците во Тафталиџе, како и во поголемиот дел на Општина Карпош е речиси невозможно. Причината за тоа, вели Димоски, е во големиот процент на изграденост, па така проширувањето е возможно само онаму каде нема изградени куќи и други објекти или пак на зелените површини кои и така се дефицитарни.

-Токму поради тоа компромис со градење на нови згради и проширување на сообраќајниците и другата подземна инфраструктура е невозможен. Она што е вистински потребно се монтажни паркиралишта, проширување на сообраќајниците само онаму каде е возможно без притоа да се узурпираат зелени површини како и проширување на капацитетот на канализацината мрежа и другата подземна инфраструктура, но без притоа да се градат нови згради, барем не во централното јадро на Општината, посочува советникот.

На прашањето дали советниците на Левица планираат да го блокираат со амандмани носењето на ДУП-от за „Алумина“, Димоски објаснува дека со поднесувањето на амандмани на Буџетот за 2024 години не може да се блокира носењето на ДУП. Истакнува дека носењето на Буџет и носењето на ДУП се две различни постапки па така и да нема изгласано Буџет, урбанистичкиот план за Алумина може да се најде на дневен ред.

-Она на што сме сведоци изминатите денови не претставува ништо друго освен добивање на политички поени со истовремено ставање во заблуда на Карпошани кои со право емоционално пристапуваат кон целата оваа ситуација.
Ние се решивме да употребиме директни методи. Заедно со членови на локалниот огранок поднесуваме анкетни листови во обид да го блокираме или максимално успориме процесот. Претходно претседателот на Советот на Општина Карпош, Бранко Ристов, кој е од редовите на Левица, најави дека ќе ги искористи сите методи со цел да не дојде овој ДУП на гласање. Постојано ги разгледуваме методите и начините на дејствување против овој ДУП. Како ќе се менува ситуацијата така и ние ќе ги менуваме методите и начините на делување, а се’ со една цел – спречување на носењето на овој ДУП, заклучува советникот од Карпош.

Татјана Стојановска

Независната советничка Татјана Стојановска објаснува дека тие не гласаат за идејно решение, туку за ДУП во кој има две огромни коцки со висина од 108 метри и му даваат право на инвеститорот да прави што сака со нив. Во разговор за „Локално“ посочуваат дека се потрудиле да добијат одговори во однос на бројот на жители со еден ваков изгласан ДУП.

-Бројките во текстуалниот дел на ДУП-от укажуваат дека бројот на населението може да се зголеми и до 11.000 нови жители. Постоечката инфраструктура секако не може да го издржи тоа. Визуелизацијата на идејното решение делува привлечно, претпоставувам за еден дел од граѓаните, но тоа не е тоа што ние го гласаме во ДУП З06 блок 11. Бројките во ДУП-от укажуваат на нешто сосема друго. Независно од тоа, иако самото идејно решение изгледа убаво на цртеж , не соодејствува со просторот, посебно не во еден од најоптоварените реони на Карпош, порачува Стојановска.

Информира дека упорно се говори за ДУП З06 блок 11 како еден засебен дел. Тоа е само дел од ДУП З06 кој е укинат на Уставен суд и сега се носи по блокови, при што се јавува голема можност за манипулација со бројки.

-До блокот 11 се залепени блок 5 и 6 , како и блокот на Настел, од другата страна на Прашка. Користејќи ги таканаречените линиски центри, бројот на жители се одредува само според деловите во кои не спаѓаат зградите од линиски центри, а всушност вкупниот прираст на населението во овој дел се должи на зградите во либиските центри. Инфраструктурага која и без тоа не е обновена со години, сега се соочува со искористување на истата од страна на многу поголем број на жители. Не само канализација, водовод, туку и пристапни улици, градинки и школи, не соодејствуваат на постоечката инфраструктура. Одговори во смисол “ќе се направи” не држат вода, знаејќи дека во истиот ДУП, само друг блок, покрај Архивот, имаме две згради и пристапна улица веќе над 8 години, објаснува детално соговорничката.

Стојановска тврди дека носењето детални урбанистички планови не значи само убави слики, туку вистинска визија како сите елементи во рамките на тој ДУП ќе се вклопат да им овозможат на сите граѓани во тој дел квалитетен и урбан живот.

На просторот на поранешната фабрика „Алумина“ се предвидува изградба на повеќе објекти кои се разликуваат по својата катност и намена. Станува збор за плански опфат кој се наоѓа меѓу улицата „Прашка“, булеварите „8 Септември“ и „Митрополит Теодосиј Гологанов“, како и новопроектираната улица „С6“. Од 3Д визуелизациите во прилог на јавната презентација на ДУП за Градска четврт 3 06, блок 11, објавени на веб-страницата на Општина Карпош, на просторот се планираат објекти со современо обликување со зелени тераси и покриви, додека во просторот меѓу нив е предвидено зеленило, пешачки и велосипедски патеки.

Градоначалникот Стевче Јакимовски вчера изјави на просторот се планирани нови современи објекти, како што има во Дубаи, Чикаго, Торотон, Виена, Софија, Белград. Тој на прес-конференција ги нападна ВМРО-ДПМНЕ и најавените 4000 амандмани за блокирањето на ДУП-от.

-Тие се за згради со лажен барок, исто како што е лажна нивната политика и патриотизми, како што се лажни нивните заложби за зеленило. Имаат изградени објекти без ниту еден метар квадратен зеленило, туку 5-6 саксии, од кои три им се овенети. Зборуваат за бетонски чудовишта, а што е ова позади нас (штабот на ВМРО-ДПМНЕ) и кое претставува најголема бетонизација на квадратен метар во Македонија. Ние сите се сеќаваме на едно мало жолто зградиче на два ката со мало дворче, а гледате ли сега во какво бетонско чудовиште се изроди? Малку им беше чудовиштетот, па изградија и кула, што би рекол Кочо Рацин: „За себе банки дигнаа палати и кули тенки високи“, кажа Јакимовски на прес-конференцијата.

Тој посочи дека со планираните згради на местото кај поранешната фабрика „Алумина“, предвидени се уште 1000 паркинг места, покрај планираните 2500 за резидентите во тој кварт.

-Станува збор за површина на која ќе доминира зеленилото, кое ќе опфаќа 80% проценти од вкупната површина. Значи ќе биде еден од најхуманите и најзелените простори во Скопје. Токму поради самата конфигурација на теренот на кој ќе доминира зеленилото, максималниот број на станбени единици/жители е 1.500. Со тоа се води грижа да не се доведе до вештачка пренаселеност во општината. Карпош има најмногу зеленило од сите општини во градот Скопје. Ги лажат граѓаните дека ова не се вистинските проекти, лага е дека ќе има сенка врз бараките затоа што овие објекти се повлечени 35 метри од улицата Прашка. Направени се симулации дека никого не загрозуваат. И со ГУП е водено сметка за инфраструктура, за училишта, градинки. Тоа е современ проект. Истиот проект двапати претходно беше презентиран пред советниците и независните, кажа Јакимовски.

Според него, ќе има подземни улици, за да нема директен добир со издувните гасови, а ќе има и четири излези за да нема сообраќајно оптоварување.

-Главните улици и паркинзи ќе бидат подземни со што жителите на Карпош нема да имаат директен допир со издувните гасови, а ќе се излегува од четири излези, со цел да се намали евентуалното оптоварување. Одалеченоста помеѓу станбените згради, особено на делот на улицата Прашка ќе биде околу 35 метри со цел самите згради да не фрлаат сенка на зградите од спротивната страна на улицата. Од инвеститорот се бара и гаранција за користење на најквалитетни материјали кои ќе бидат еколошки но и енергетски ефикасни. Не постои друг комплекс во градот Скопје кој има одвоено толку голем процент од површината, 80%, за зеленило, додаде Јакимовски.

Н.П.

Слични содржини