Путин на својата мега-конференција молчеше на една важна тема, а тоа може да му се удри од глава

од Vladimir Zorba
575 прегледи

Иако траеше повеќе од четири часа и содржеше бизарни сегменти како разговор за дублери, претседателот на Руската Федерација Владимир Путин не најде време за две актуелни теми на својата традиционална годишна прес-конференција.

Една од нив, очекувано, е опозицискиот политичар Алексеј Навални, негов долгогодишен критичар кој руската држава го гони од 2013 година и моментално е во затвор. Соработниците и поддржувачите на Навални тврдат дека не го виделе од 5 декември, а руските власти во петокот рекоа дека ќе го префрлат во друг затвор и дека навреме и согласно законот ќе кажат за која институција се работи.

Втората е протестот инициран од група жени. Имено, социјалните мрежи и медиумите не престануваат да зборуваат за групата сопруги и мајки на руски војници кои беа регрутирани и испратени на боиштата низ Украина. Имено, тие сакаат нивните најблиски да се вратат дома и да бидат заменети со одморени војници. Тоа е израз на незадоволство од актуелната политика што ретко се гледа во Русија. Критичарите на Кремљ обично завршуваат во затвор, егзил или – мртви.

За ситуацијата да биде поинтересна, тие велат дека се патриоти кои ја поддржуваат „специјалната воена операција во Украина“. Сепак, не им се допаѓа како се управува.

Да потсетиме, слично зборуваше и водачот на платеничката војска „Вагнер“ Евгениј Пригожин. Тој го изрази своето незадоволство од рускиот воен естаблишмент со краткотрајниот, но неуспешен државен удар. Два месеци по државниот удар, на 23 август, авионот во кој се наоѓаше се урна во областа Твер северно од Москва. Доста аналитичари и експерти за руски прашања сметаат дека авионот бил разнесен од бомба.

Не умреле залудно

Откако Путин нареди „делумна мобилизација“ во септември 2022 година, таа стана главен извор на тензии во руското општество. Додека се спроведуваше, руската армија често беше критикувана дека е неподготвена и испраќа регрути во сигурна смрт. Сопругите и мајките на регрутите беа едни од најгласните критичари на мобилизацијата.

Рускиот претседател се обиде да ги поправи односите со нив во ноември 2022 година, кога ги покани на чај. Се разбира, пред телевизиската камера. Активистите ја окарактеризираа средбата како лажна. Путин на една мајка и рекол дека нејзиниот син има цел и дека не умрел залудно. Други, тврдеше претседателот, умреле од алкохол.

Кога мобилизацијата малку забави во следните месеци, стивна и негодувањето во јавноста. Сепак, тоа не исчезна. Истражувачките новинари на важните медиуми тврдат дека Кремљ добил 24.000 поплаки за мобилизација оваа година.

Помина повеќе од една година од наредбата на Путин, а регрутите сè уште не се вратиле дома. Незадоволството на мајките и сопрузите повторно стана јавна работа. Се очекуваше за време на прес-конференцијата во четвртокот, рускиот претседател да се обиде да ги смири или некако да ги сврти нивните критики во своја полза. Тие објавија „скриншотови“ од нивните компјутери и мобилни телефони на социјалните мрежи за да покажат дека му испратиле на рускиот претседател прашања во врска со нивните синови и сопрузи.

Поранешниот говорник на Путин и независен политички аналитичар, Абас Гаљамов изјави за „Политико“ дека нивните прашања се еден вид подарок и дека рускиот претседател може да ги искористи за да ја започне својата изборна кампања. Според Гаљамов, тој можел на татковината и на светот да им покаже слики на среќни војници со украси на градите и полни џебови со пари кои се враќаат дома кај своите среќни сопруги.

Наместо тоа, Путин само рече дека во моментов нема потреба од друга „делумна мобилизација“. Тој рече дека 244.000 мобилизирани војници „брилијантно се борат“ и дека 1.500 нови доброволци секојдневно се јавуваат во армијата. Тој додаде дека руската армија до крајот на годината ќе брои околу половина милион војници.

„Како да не постоиме“

На конференцијата што ја одржа во четвртокот, Путин исто така рече дека нема да има мир во Украина додека не се спроведат „демилитаризација“ и „денацификација“. Целите, значи, се исти како оние со кои беше започната инвазијата на Украина. Рускиот народ, со најдобра волја, сè уште не знае што точно значат зборовите „демилитаризација“ и „денацификација“. Во исто време, тој дури и не ја спомна ротацијата на војниците. „Што се однесува до Кремљ, тој проблем не постои“, рече политичкиот консултант Татјана Становаја.

Оваа громогласна тишина дополнително ги налути мајките и сопругите на воените обврзници.

„Очигледно е дека нè замолчуваат“, вели Марија Андрејева, членка на групата „Way Home“ на комуникациската платформа Телеграм. Тоа е саботажа одозгора“, додаде Андрејева. Друга жена го опиша молкот на Путин како „дамка на душите на стотици и илјадници жени“. „Како да не постоиме“, рекла трета жена. „До кога можете да се исмевате со нас и нашите семејства“, додала трета жена.

Аналитичарот Абас Гаљамов рече дека Кремљ успева да ја добие поддршката од овие жени пред изборите во март 2024 година. Тој додаде дека секое чекање е ризично и дека реториката на незадоволните жени станува се пополитизирана и дека тие го уништуваат угледот на војната во Украина. Гаљамов смета дека Путин зборувал за втората мобилизација на начин на кој го направил бидејќи можно е по изборите да се премисли.
„Тој рече дека се зависи од моментот. Сега нема потреба, но може да се појави утре“, додаде аналитичарот.

Рускиот претседател во моментов се обложува дека незадоволството на споменатите жени нема да стане поголемо протестно движење.

На некои од овие жени полицијата веќе тропнала на вратата, а на други им се заканувале правни проблеми. Сепак, Кремљ не треба премногу силно да ги напаѓа жените, една од изборните единици кои на Путин му носеа победи на изборите сите овие години.

Слични содржини