Рускиот претседател Владимир Путин ги има сите причини за славење – Русија успеа да ја заузда украинската контраофанзива, а освен тоа постепено слабее поддршката за Киев од Западот.
На војниците на украинските вооружени сили сега им недостасува сè. Имаат помалку артилериски гранати и помалку дронови. Руските војници имаат неколку високотехнолошки уреди за електронско попречување на дронови. Тие полека, но сигурно напредуваат кај Авдејевка, а наскоро градот би можел да падне. Путин се обложува дека Западот ќе се измори од борбите и дека Украинците ќе се предадат, пишува германски „Шпигел“.
За да се спротивстави на ова, на Киев и неговите сојузници им треба долгорочен план, но сè уште го немаат. И ова се должи на фактот дека Украина сè уште не може безусловно да се потпре на своите сојузници. Шефот на Белата куќа Џо Бајден увери дека е подготвен да помогне „колку што е потребно“, но големо прашање е дали ќе успее да го исполни ветувањето.
Американскиот претседател не им објасни на сопствените граѓани дека надворешнополитичката слика на САД е загрозена и во Украина. Ако Русија победи затоа што Вашингтон не ја обезбеди потребната помош, ќе испрати фатален сигнал до сојузниците на Америка во Европа и Пацификот. Сепак, интересот на американските граѓани за украинскиот конфликт рапидно опаѓа.
Покрај тоа, Бајден се бори за реизбор следната година. Републиканците жестоко му се спротивставуваат во Конгресот, блокирајќи го пакетот помош од повеќе милијарди долари за Украина. Не ги воодушеви ниту посетата на Зеленски на Вашингтон. Дури и ако демократите и републиканците успеат да се договорат, големи се шансите поранешниот претседател Доналд Трамп да се пресели во Белата куќа и тоа ќе биде крај не само на поддршката за Киев, туку и на постоењето на НАТО во неговата сегашна форма.
Европејците продолжуваат да ја игнорираат сериозноста на моменталната ситуација. Нема шанси да го зголемат производството на артилериски гранати, а дефинитивно нема да можат да го исполнат ветувањето дека до март следната година во Украина ќе достават милион парчиња муниција. Покрај тоа, унгарскиот премиер Виктор Орбан активно ја блокира помошта за Киев од ЕУ.
Сè уште нема заеднички план бидејќи раководството во Киев одбива да ја признае вистинската состојба на работите на теренот. Зеленски неуморно повторува застарени мантри, влева оптимизам кај Украинците, ги пофалува војниците, известува за мали успеси на фронтот и повикува на издржливост. Лошата вест практично не стигнува до граѓаните, затоа што има строга цензура во медиумите. Новинарите не известуваат ништо за загубите на украинските вооружени сили.
Во првите месеци од непријателствата ваквите пораки беа важни, но сега нема простор за оптимизам. Зеленски мора да ги подготви граѓаните за продолжени непријателства, да ги прекине конфликтите со Валериj Залужњи и да развие заеднички план со него.
Наместо разубавување, на Украинците им требаат остварливи цели, дури и ако тоа значи еден месец одмор за луѓето од првите борбени линии.
„Потребна е доверба наместо празни пропагандни фрази“, заклучува „Шпигел“.