Најчевска: Претседателот зборува за тоа што треба да прави државата како тој да не бил дел од власта во изминатите години и како да немал никакво влијание

од Nikola Popovski
873 прегледи

Вчерашното обраќање на претседателот Стево Пендаровски го гледам како обраќање на човек кој е доволно интелигентен за да разбере дека отстапил од своите принципи и дека за тоа отстапување нема оправдување ни пред себе ни пред јавноста, меѓутоа не е со толкав интегритет да ја прифати одговорноста за направените грешки и да ги сноси последиците од истите, изјави за „Локално“ професорката и граѓанска активистка Мирјана Најчевска, коментирајќи го традиционалниот и годишен говор на шефот на државата во Собранието.

Како што истакнува, отсуството на перцепција на сопствената одговорност е видливо „во заобиколувањето на фактот дека актуелната власт токму со негова помош и потпис успеа да ја озакони неказнивоста на високи функционери во власт, дека тој како претседател во ниту еден момент не застана во одбрана на владеењето на правото во рамките на ингеренциите кои ги има (назначување кадри во правосудниот систем, потпишување на закони, јавни настапи, …)“.

За Најчевска, во говорот на претседателот има многу партиска пропаганда и поддршка на политиката на актуелните владејачки партии.

-На пример, фразата дека “Неспорно е дека ние не ја завршивме нашата домашна задача во однос на преземените обврски,“ е показател дека не го разбира извештајот на Европската комисија за назадувањето на државата и не успева да даде објективна процена за состојбата во која се наоѓа државата. Уште повеќе, во своето обраќање се служи со невистини како таа дека по одбивањето во Букурешт сме прифатиле многу понеповолен предлог, за тоа дека Бугарите го смениле пристапот кон Македонија и ги намалиле барањата, односно, дека спорот со Бугарија е за историја, наведува професорката.

Според неа, голема невистина е и дека Собранието усвоило Деловник кој е резултат на процесот Жан Моне. Како што ни рече Најчевска, „усвоен е Деловник кој нема врска ни со овој процес ниту пак со било која од забелешките кои доаѓаат од ОБСЕ, Советот на Европа и ЕУ, а со кој се убива демократијата токму во највисокото законодавно тело Собранието“.

-Во очи паѓаат и двата приоритети кои ги издвојува за идниот состав на Собранието: меѓуетнички односи и евроинтеграциски процеси. Ова имплицира дека имаме проблеми на планот на меѓуетничките односи (што е апсолутно неточно и само ја засилува националистичката завеса со која се маскираат криминалците во државата) и со ориентацијата кон ЕУ (со што практикувањето на европските стандарди го заменува со формалното членување во ЕУ). Доколку се прифатат и се практикуваат ЕУ вредностите ние не сме во чекалната на ЕУ туку сме дел од тој простор независно од тоа дали формално сме во ЕУ или не, анализира професорката.

На прашањето како ја оценува досегашната работа и функционирање на Пендаровски, Најчевска вели со оценка „преодна шестка“. Додава дека тоа е напредок во однос на претходните претседатели, но секако не е оцена со која може да се бара втор мандат.

-Во целина, претседателот зборува за тоа што треба да прави државата како тој да не бил дел од власта во изминатите години и како да немал никакво влијание во се она што се случувало во државата, смета соговорничката.

Државата мора да остане на патот на европските интеграции без оглед на тоа која извршна власт ќе раководи по изборите во мај 2024-та и какви ќе бидат раздвижувањата по изборите за Европскиот Парламент и претседателските избори во САД, порача шефот на државата во годишното обраќање пред пратениците во Собранието. Toj нагласи дека евентуалното забавување, уште повеќе, како што посочи, целосното запирање на европските интеграции нема да се одрази добро врз ниту една сфера од општественото живеење, почнувајќи од економијата, па, сѐ до меѓуетничките односи. Во однос на уставните промени, Пендаровски нагласи дека идниот собраниски состав ќе мора да ја продолжи дебатата врз реални основи и со далеку почесен однос кон македонската јавност.

-Кристално јасно е дека Европската рамка не може да се промени на подобро, ниту билатералниот договор со Бугарија, независно кој е на власт во Брисел или во Софија. Со одлагање на уставните промени, ќе пропуштиме уште една можност која може да не чини најмалку уште една деценија надвор од интеграциите, а тоа ќе значи, помал економски прогрес, полош стандард за граѓаните и поголемо иселување, порача меѓу другото претседателот.

Н.П.

Слични содржини