Наспроти предизвиците во образованието и во другите области, претставниците на турската заедница во Македонија даваат голем придонес во секоја сфера, во просветата, науката, здравството, уметноста и спортот. Некои од нив со гордост ја претставуваат нашата држава на меѓународните средби и натпревари. Затоа, државата мора да ги отстрани и последните пречки за нашите сограѓани Турци да можат без никаков проблем да го остваруваат ова основно човеково право на образование, за да се чувствуваат како целосно рамноправни граѓани, истакнал претседателот на државата Стево Пендаровски на одбележување на Денот на наставата на турски јазик во организација на Сојузот на турски невладини организации во Македонија – МАТУСИТЕБ.
Освен што со својата лојалност придонесува за поголема кохезија во македонското општество, посочил Пендаровски, „турската заедница претставува и силна врска со пријателска Турција.
-А ефектите на тоа пријателство се одличните билатерални односи и заемната поддршка, бројните инвестиции, заедничките проекти, донациите во образованието, науката, здравството и културата….Годинава се одбележуваат 100 години од основањето на Република Турција и 95 години од јазичните реформи и воведувањето на новата турска азбука. Познато е дека последните години од својот живот, Ататурк ги посветил токму на реформите во образованието. Тој верувал дека од образованието зависи дали една нација ќе биде вистински независна и просперитетна или, пак, ќе тоне во зависност и сиромаштија. Тој велел: за да се одбрани државата е потребна армија, но, за да се одбрани слободата, потребно е образование. Затоа, слободното општество мора да биде образовано општество во кое секој ќе има еднаков пристап до знаењето. Ататурк го споредувал добриот учител со свеќа што согорува за да им го осветли патот на другите. И навистина, со него започнува новата епоха во образованието на турски јазик што за кратко време доведе до масовно описменување на Турците, не само во Република Турција, туку и во дијаспората, вклучително и тука, кај нас, истакнал шефот на државата.
Една од првите одлуки на асномска Македонија, нагласил Пендаровски во обраќањето, била да се овозможи настава на мајчин јазик за повеќе заедници, вклучително и за турската.
-Така, на денешен ден, во 1944 година започнала наставата на турски јазик во скопското училиште „Тефејуз“. Со оваа одлука беше ослободен клучниот креативен потенцијал на овој народ, преку чување на својот идентитет и развивање на својата култура да придонесува за општото добро. Набргу наставата се прошири и во другите краишта на државата каде што со векови живеат Турците, од Гостивар до Дојран, од Куманово до Охрид. Но, корените на денешниов празник на турската заедница во Северна Македонија ѝ претходат не само на современата македонска држава, туку и на современата турска држава. Инаку, низ вековите, турската заедница во Македонија дала многу големи личности, меѓу кои најголемиот е основачот на модерна Турција – Мустафа Кемал Ататурк, чија семејна куќа се наоѓа во селото Коџаџик, истакнал Пендаровски.
Како што информира неговиот кабинет, нагласувајќи ја важноста на соживотот меѓу различните, тој рекол дека „тоа што сме различни е наша најголема вредност“.
-Секоја заедница, вклучително и турската, дава уникатен придонес кон изградбата и развојот на нашата заедничка татковина. Образованието пак на турски јазик придонесува кон одржување на турскиот идентитет, култура и традиција и со тоа кон збогатување на соживотот во македонското мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество. Посакувам таа соработка да продолжи да се збогатува со нови содржини и во иднина, стакнал Пендаровски во обраќањето, честитајќи го 21 декември на припадниците на турската заедница, како и 20-годишниот јубилеј на МАТУСИТЕБ.