Воените челници на САД и Кина разговараа за првпат по повеќе од една година

од Stefanija Kuzmanovska
164 прегледи

Воените лидери на Соединетите Американски Држави и Кина разговарале вчера преку видео врска за првпат по повеќе од една година, соопшти Пентагон.

Во ноември двете велесили одлучија да ја обноват комуникацијата меѓу нивните вооружени сили, а вчера преку видео врска разговараа началникот на Генералштабот на САД Чарлс Браун и неговиот кинески колега Лиу Женли.

Браун ја истакна важноста на споделувањето за да се избегнат погрешни проценки и поврзани потенцијални ризици во воените операции, рече портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер. Тоа беше првиот телефонски разговор со Лиу за Браун, кој е на функцијата од септември.

Рајдер развојот на настаните го нарече „позитивен“.

САД и Кина се обидуваат да ги стабилизираат затегнатите односи. Американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг се сретнаа во Сан Франциско во средината на ноември. Вашингтон претходно во неколку наврати се пожали дека вообичаената директна воена комуникација со Пекинг не функционира и дека може да доведе до опасни недоразбирања и погрешни пресметки.

Пекинг, на пример, ги одби барањата за разговори на ниво на министри за одбрана. Вашингтон постојано предупредуваше дека комуникацијата меѓу армиите на двете земји е клучна за одговорно управување со односите, пренесува ХИНА.

Слични содржини