Борел: Путин нема да запре, дури и ако му се даде Источна Украина

од Vladimir Zorba
179 прегледи

Европските парламентарни избори во јуни 2024 година би можеле да бидат судбоносни како и претседателската трка во САД, предупреди шефот за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, велејќи дека верува оти стравот на гласачите од непознатото може да ги наведе да ги поддржат десничарските популистички партии.

„Се плашам од страв, се плашам дека Европејците ќе гласаат врз основа на страв. Научно е докажано дека стравот од непознатото и неизвесноста создава хормон кој бара сигурен одговор. Тоа е факт“, изјави Борел за „Гардијан“.

Тој ја разгледува моменталната состојба на проектот на Европската унија на крајот на годината помеѓу две војни, едната во Украина, а другата во Газа.

На предавањето одржано на самитот организиран од магазинот „Гран Континент“, тој рече дека двата конфликти ја загрозуваат иднината на блокот, а во случајот со Украина, тој рече дека стравува од пораз доколку не дојде до брза промена на курсот.

Борел посочи и дека „не гледа знаци дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да запре, па дури и да се задоволи со договор што ќе и овозможи на Москва да ја задржи источна Украина“.

Во врска со ситуацијата во Газа, тој рече дека Хамас не е само воена сила туку и идеја и како таква може да се победи само со подобри идеи, а не само со бомби.

„Партиите кои можат да играат на стравот кај луѓето и да даваат лоши одговори на добри прашања можат да ја привлечат поддршката на европското население“, истакна Борељ.

Тој прифати дека има и реални причини за загриженост, но ги повика гласачите да ги поддржат политичките сили кои би можеле да дадат јасна анализа на ситуацијата.

„Ако не можеме да го направиме тоа, мислам дека европските избори ќе бидат исто толку опасни како и оние во САД“, рече Борел.

Додаде дека Европа сè уште нуди атрактивен модел за луѓето од целиот свет.

„Ние сме магнет за стотици илјади луѓе кои сакаат да дојдат да живеат во Европа. И лесно е да се разбере зошто е тоа така, кога ќе го споредиме нашиот животен стандард. Ние сме најдобрата комбинација на политичка слобода, економски просперитет и социјална кохезија што човештвото можеше да ја создаде“, нагласи Борел.

Слични содржини