Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, упати честитка до граѓаните за новогодишните празници.
„Често велам дека нашата предност, наша најголема вредност и најсилна страна се луѓето, нашите граѓани. Затоа што имаме капацитет, имаме знаење, имаме волја да ги направиме следните чекори. Да продолжиме и понатаму да го подобруваме животот на граѓаните. Да го направиме и она што е најважно – да ги задржиме младите дома. Да ги вратиме тие што заминале, затоа што европскиот пат на кој сме тргнати, е започнат, и не застанува. Мора да гледаме напред, мора да се движиме напред. Токму европскиот пат ќе донесе развој и подобро утре“, вели Ковачевски во обраќањето.
„А сигурен сум и Ве уверувам дека ќе има подобро утре. Оптимизмот кој го споделувам со Вас, е изграден на реални основи, затоа што знам, дека сѐ што треба, заеднички ќе го направиме. Оваа држава има луѓе кои имаат и храброст, и енергија длабоко во себе, кои ќе го изодат тој пат и кои ќе остават подобра земја за своите деца, за сегашните и за идните генерации. На крајот на овој европски пат е големата награда, членството во Европската Унија“, порача, меѓу другото, Ковачевски.