ВМРО-ДПМНЕ: Ако јогуртот се продаваше по цена од околу 70 до 80, сега чини околу 90 денари

од Nikola Popovski
242 прегледи

Добро е да растат платите и тоа го поздравуваме, но нивниот раст засега е преспор во однос на енормно зголемените трошоци за живот. Оттука сосема отсутно и изгубено во просторот и времето делува фалењето на СДС за зголемување на платите, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

Од најголемата опозициска партија наведуваат неколку пример за цени на производите.

-На пример, ако јогуртот се продаваше по цена од околу 70 до 80 денари, сега чини околу 90 денари. Кравјиот кашкавал кој одеше за 500 денари, сега чини 600 денари. Еден килограм овчи кашкавал ќе се продава за околу 900 денари, мешаниот за околу 700, кравјото сирење е со цена околу 400 денари, а овчото сирење се продава за повеќе од 500 денари.

Вредноста на Синдикалната минимална кошница за преживување на едно 4 члено семејство за октомври  2023 година изнесува 46 198 денари. А СДС се фали со минимална плата 22.500 денари што е пола од реалните трошоци за живот, велат од партијата на Христијан Мицкоски.

Според ВМРО-ДПМНЕ, додека Македонија има раст од само 20%, во Србија растот е 50%.

-А за истиот период во Бугарија по глава на жител БДП се зголемил за 64%. Повеќе од двојно поголем раст од Македонија има и Албанија, каде по глава на жител во периодот од 2017 до 2022 година БДП пораснал за 52%, стои меѓу другото во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.