Министерството за здравство информира дека пациентите со цистична фиброза почнуваат да го примаат лекот Трикафта.
Покрај 12-те пациенти кои веќе се на терапија со Kaftrio во комбинација со Kalydeco, овие денови со терапија се вклучуваат и нови пациенти. Во петокот, на 29-ти декември две нови пациентки примија Трикафта, денеска се вклучуваат уште двајца, а во петок се очекува лекот да го примат уште двајца пациенти.
Оваа група на пациенти етапно се вклучува на терапија, согласно Протоколот и прецизни критериуми на евалуација се одлучува за добивањето терапија. Листата на пациенти е направена од Стручна Комисија, по направени медицински прегледи на сите пациенти со цистична фиброза, според бодирање.
Лекот Трикафта е безбеден лек, одобрен од Европската медицинска агенција. Ефектот од терапијата е брз, значителен и одржлив.
Во ноември 2023, на седница на Влада помина предлог-буџетот за 2024 година. Со него, за оваа година ќе бидат обезбедени околу 12 милиони евра за лекот „Трикафта“. Сумата сѐ уште е далеку од потребните над 30 милиони евра, кои според пресметките, се потребни за да се набави „Трикафта“ за сите пациенти во земјава, кои се околу 130 на број.
Претходниот министер за здравство Беким Сали, на 9 февруари кажа дека се обезбедени се 140 милиони денари за лекот за 8 пациенти со цистична фиброза. Станува збор за буџетски средства наменети за Клиниката за детски болести, каде сумата од 563.504.040 денари се зголемува на 703.504.040 денари, односно за дополнителни 140 милиони денари кажа Сали. Истиот ден, членовите на Асоцијацијата за цистична фиброза пред Владата со едноминутно молчење, свеќи и цвеќе се збогуваа од Благојче Илијевски од Битола, еден од нивните најактивни членови кој почина на 8 февруари.