Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски истакна дека нема потреба да има тајни средби со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Посочи дека кога ќе има средба, таа ќе се одржи на јавен простор.
-Јас не гледам дека има потреба да имаме тајни средби. Кога ќе имаме средба, таа ќе биде средба која ќе се случи во јавен простор – дали во Клуб на пратеници, во Собрание, на улица „Македонија“ во некое кафуле, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање коментирајќи ја изјавата на Мицкоски дека тој нема да прифати никакви тајни средби со него.
Ковачевски на презентација на првата странска инвестиција во 2024 година во ТИРЗ истакна дека уште не е договорено кога ќе се случи средбата со Мицкоски, нагласувајќи дека имаат комуникација на партиско ниво.
Со реакција се огласија од ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму велат дека „откако Ковачевски и здосади јавноста со најави за тајни средби, сега вели ќе сакал кафе средба со Мицкоски на улица Македонија“.
-Ако на Ковачевски му е до кафиња, треба да знае дека на Македонија и се плаче од такви како него . Ниту тајни средби, ниту кафиња по кафулиња ќе има. Работите се пресериозни од паушалните и детски недораснати игри на Ковачевски. Во Македонија никогаш не се живеело полошо, истакнаа од „Белата палата“.