Во објектот на контрола на летање на М-НАВ денеска биле нападнати вработени во контролата за летање. Како што објави на својот Фејсбук профил претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), Александар Тасевски, случајот е пријавен во полициска станица Петровец, а запознаени и министерот транспорт и врски и министерот за Внатрешни работи.
– Во објектот на контрола на летање дошле неколку возила од кое излегле неколку лица кои влегле во објектот на контрола на летање и предизвикале караница и нападнале вработени во контролата на летање, мои колеги. Случајот е пријавен во полициска станица Петровец, запознати се и министерот транспорт и врски и министерот за Внатрешни работи, напиша тој на Фејсбук.
Според Тасевски, возилата влегле без да бидат спречени од страна на обезбедувањето.
– Возилата влегле без да бидат спречени од страна на обезбедувањето кое е од надворешна фирма на која според наши сознанија ѝ е истечен договорот од пред извесно време а немаме информација дали им е продолжен повторно. Од друга страна не реагирало ни обезбедувањето на М-НАВ кое се наоѓа во самиот објект, наведува тој.
Овој акт на насилство, како што дополнува, не само што претставува закана за секој еден професионалец во контролата на летање туку и за безбедноста во авијацијата.
Нападот се случи по денешната прес-конференција на Тасевски во која тој информираше дека дваесет до триесет контролори на летање и нивни помошници во Македонска навигација (М-НАВ) се очекува од денеска да почнат да поднесуваат оставки од раководните позиции во М-НАВ, образложувајќи дека оставките се за поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција.