Дали Арсовска ќе ги помати сметките на големите партии: Со кого би можела да коалицира „градската мајка“ на изборите?

од Nikola Popovski
871 прегледи

Во јатото од партии на политичката сцена, се најавува формирање на нова. Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска веќе поодамна се спомнуваше околу создавање на свој политички субјект, а вчера конечно потврди е во процес на создавање на партија која би учествувала на претстојните избори во мај. Со оглед дека веќе пред извесен период делува како „независна“, се поставува прашањето дали градоначалничката, која на локалните избори дојде на функцијата  со поддршка на гласачите на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците, а потоа влезе во политички конфронтации, како и со нив, така и СДСМ, сега ќе собере дел од незадоволните гласачи на овие партии, но и дали има сила да им ги помати сметките на поголемите партии?

Според политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски, Арсовска има политички потенцијал да привлече гласачи, а со тоа и изборно внимание, со оглед на тоа што е важна политичка фигура во хиерархијата на политичкиот систем. Дотолку повеќе што, додава тој, под Градот се наоѓааат и голем број на моќни јавни претпријатија,кои дополнително можат да и бидат „погонско гориво, како човечки и административен базен на структурирање на својата партија“.

Атанасоски во разговор за „Локално“ посочува дека нема ни минимални шанси да направат предизборна коалиција новата партија на Данела Арсовска и Левица, бидејќи, според него, партијата на Апасиев досега секогаш излегувала самостојно на изборите како „чиста и неизвалкана“ партија со никој коалициски партнер, односно како партија која е антиестаблишменска.

-Многу повеќе верувам дека партијата на скопската градоначалничка има можност и коалициски потенцијал со партијата на градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, бидејќи и во рамките на Советот на Градот Скопје се во коалиција (советникот од редовите на ГРОМ, Александар Трајановски е заменик градоначалник на Скопје), и ГРОМ како партија има свои кадри во локалната власт во Градот Скопје. Но тоа е во доменот на шпекулациите. Ќе видиме како ќе се позиционираат предизборно сите политички играчи на македонската политичка сцена, анализира Атанасоски.

На прашањето дали постои игра на ВМРО-ДПМНЕ, кои ја поддржаа на локалните избори, да привлече разочарани гласачи на сметка на Арсовска, па подоцна тие да се вратат во „јатото“ при евентуални преговори за коалиција, соговорникот не верува дека ова е ,,политичка игра” меѓу Арсовска и партијата на Христијан Мицкоски, бидејќи, како што укажува, толкава е закрвеноста помеѓу нив (судир на суети),што би било практично невозможно да се коалицира туку-така постизборно.

-Погледајте само што се случува во Советот на Град Скопје. Од друга страна, мислам дека Данела би привлекла многу повеќе центристичко гласачко тело (жени, незадоволни од ДПМНЕ и СДСМ), што значи дека нема простор за таква „игранка“ меѓу ДПМНЕ и Данела. Разочараните тврдодесни гласачи од опозицијата можат да одат на контото на ултрарадикалната десница , политичката партија „Левица“отколку кај Арсовска, смета аналитичарот.

Истакнува дека е точно дека има негативен одиум околу работата и градоначалникувањето на Арсовска, но од друга страна, според него, имаше многу позитивни реакции од независни граѓани кои и честитаа за нејзината храброст кога се пресмета со самоволието и деспотизмот на кадрите на ДУИ во ЈП „Комунална хигиена“ или пак кога се пресмета со Мицкоски околу тендерот за пречистителната станица наменета за градот Скопје.

-Односно, има многу луѓе кои ја перцепираат дека се пресметува со децениски напластени криминогени структури во институциите под контрола на Градот Скопје и тие можат да и бидат нејзиното евентуално и потенцијално гласачко тело, ни рече Атанасоски.

Околу тоа дали ова се можеби избори, по кои тешко ќе биде составување на Влада, соговорникот вели дека ќе бидат избори кои, без разлика каков и да биде исходот, после составувањето на идниот собраниски состав, најважна обврска на идната влада и собрание ќе биде изгласувањето на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот како услов без кој не се може за да се продолжат македонските евроинтеграции.

-Моја прогноза е дека странците (читај: Американците), ќе форсираат влада на широка коалиција (национален спас), како единствена шанса да се изгласаат уставните измени, се со цел да се минимизира политичката одговорност врз сите партии,и Македонија да биде отпушена на нејзиниот пат кон ЕУ. Се разбира, без учество на Левица во неа, анализира Атанасоски.

Од друга страна, политичкиот аналитичар Александар Ристевски смета дека „градската мајка“ не може да ги помати сметките на поголемите партии, но верува дека може да направи некаква штета и тоа во зависност од тоа колку ќе понуди квалитет или некаква програма и дали ќе има некаква поголема поддршка, за која реално се сомнева.

Околу нејзино евентуално коалицирање со Левица на изборите, Ристевски во разговор за „Локално“ вели дека ништо не треба да се исклучи како можност, иако праксата покажува дека Арсовска во основа токму со Левица најдобро и функционира во советот на Град Скопје. Тој истакнува дека културните установи најголем дел ги раководат кадри од Левица, па од тука, не е човек да ја исклучи и оваа можност и опција како возможна.

-Имено методот со Арсовска кој беше применет за да се собори Шилегов, веќе беше искористен и во 2005 година, кога со Трифун Костовски беше сменет и декласиран Ристо Пенов. И таму по некое време пукна тиквата и Трифун остана сам да тера некаква своја агенда, иако намерата му беше да се кандидра за претседател на државата. По градоначалничкиот мандат тој беше политички мртов, но не продолжи да биде близок или по било која основа со ВМРО ДПМНЕ. Сметам дека независните кандидати во поголемите средини малку ги преценуваат сопствените можности и поддршката од одредена група на граѓани, и дека сепак во голема мерка зависат од поголемите партии. Дури и еден Митко Јанчев кој е успешен бизнисмен и со одличен мандат зад себе, на претходните избори повторно побара поддршка и трчаше со ВМРО ДПМНЕ како субјект зад себе. Стевчо Јакимовски во Карпош кој сега е конфронтиран со раководството на ВМРО ДПМНЕ победи, поточно половина од гласовите му беа од гласачи токму на оваа партија. Така што, веселата математика секогаш е во оптек, анализира Ристевски.

Соговорникот не смета дека градоначалничката има свое автохтоно гласачко тело.

-Многу повеќе тоа се жители на некој дел од градот каде таа решила некој за нив битен инфраструктурен проект, пред се на периферијата. Арсовска е нова во политичкиот живот, така да и нејзината тенденција да биде нова опција е битка на долга стаза, и релативно нереална за да се има брзи резултати кои ќе бидат очигледни, посочува аналитичарот.

За резултатите од изборите и дали некоја партија ќе може да формира Влада, Ристевски вели дека доколку „разликата во мандати помеѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ биде евидентна и очигледна (според некои проценки со над 15 или 20 пратеници разлика) ќе биде депласирано за тоа да се разговара за тоа кој и како ќе ја составува владата“.

-Недоумица има само доколку бројките се исклучително блиски. Да не заборавиме дека на последните два изборни циклуси разликата беше плус и минус два за СДСМ. Доколку овој пат (а сите анкети го навестуваат тоа) разликата со ВМРО ДПМНЕ е драстична, нема простор за дебата за тоа кој и како ќе составува Влада. Патем, за партиите на македонските албанци ќе биде тешко излегувањето на „медениот месец“ во кој се изминатите години во кои владеат со половина од Владата и институциите. Самото тоа што би ги загубиле барем половината од местата кои сега ги држат ќе биде за нив тешко. На ДУИ и двете варијани се лоши. Ако се во власта, ќе треба пола функционери да се повлечат, а ќе се теши партијата дека е на власт. Доколку не се во Владата, ќе изгубат се, а веќе ги немаат и општините, па ќе мора да влеат во процес на реформи, од друга страна ќе имаат простор за напад кон нивните ривали дека добиле многу помалку од тоа што тие самите до скоро го држеле и владееле, заклучува аналитичарот.

Н.П.

Слични содржини