Газа е „непогодна за живот“ три месеци по ужасните напади на Хамас врз Израел – изјави денеска шефот на хуманитарните операции на ОН, Мартин Грифитс и предупреди дека здравствената состојба е катастрофална.
Грифитс во изјавата рече дека во Газа „луѓето се соочуваат со највисоко ниво на несигурност во храната, кое е досега забележано“ и дека „гладот е на прагот“.
Покрај тоа, жителите на Газа се „очевидци на секојдневните закани за сопственото постоење, додека светот гледа отстрана“, рече тој.
Заменик-генералниот секретар на ОН за хуманитарни прашања, исто така, рече дека десетици илјади луѓе, претежно жени и деца, се убивани или ранети, дека семејства спијат надвор додека температурата паѓа и областите каде што на Палестинците им било кажано да се засолнат се бомбардирани.
Неколкуте делумно функционални болници се преполни и нема залихи, се шират заразни болести, а во услови на хаос, 180 Палестинки се породуваат секој ден.
Грифитс ги повтори барањата на ОН за итен прекин на војната и ослободување на заложниците.
„Време е меѓународната заедница да го искористи сето свое влијание за да се случи ова“, рече тој, додавајќи дека хуманитарните работници биле соочени со „невозможна мисија“ да пружат помош на повеќе од два милиони луѓе додека се убивани и додека продолжува прекинот на комуникацијата, а патиштата се оштетени, пукано е врз колони со камиони, а основната набавка на стоки речиси и да не постои.
„Газа го покажа најлошото во човештвото и одамна е минато време војната да заврши“, заклучи Грифитс.