Убавината и велелепието на Бадник, денеска беа најсилно почувствувани во 75 градови и села во нашата земја и 5 во дијаспората, соопштија од здружението „Бадникови поворки“. Оттаму велат дека денеска се одржа најголемата бадникова манифестација на Балканот. Коледарчињата на Македонија организирани во групи, најпрво во своите маала, а потоа и здружено во поворка, радосно и достоинствено ја вознесуваа веста за Христовото Раѓање.
-„Ова му е потребно на народот!“, „Така се одржува верата и традицијата!“, „Не’ расплакавте со ангелските гласови на децата“ – беа најчестите коментари што ни ги упатуваа учесниците и набљудувачите, порачуваат од Здружението.
Централната манифестација во Скопје се одржа на Плоштад „Македонија“ и на едно место ги собра коледарчињата од сите скопски општини кои ја оформија најголемата бадникова поворка што од Камениот мост се упати кон Соборниот храм „Св.Климент Охридски“ на топол прием и пригодно дарување кај Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
Во рамките на манифестацијата, бесплатно беа поделени 2000 божиќни ѕвездички коишто дополнително го украсија свечениот настан.
Божиќниот концерт пак, традиционално предводен од „Златно славејче“ и македонските поп-ѕвезди ги подготви децата во еден глас да ја пеат „Вечниот Бог“. Концертот веќе втора година по ред, беше инклузивен и подеднакво им овозможи и на глувите и наглуви лица да ја почувствуваат радоста на празнувањето. Токму за оваа манифестација, Здружението „Бадникови поворки“ доби највисокото признание на КОВЗ „Вељо Манчевски“ за особен придонес во создавањето трајни вредности.