Милошоски: Владата се брза да протне уште стотина свои обвинители и судии

од Nikola Popovski
261 прегледи

Скандалот со М-НАВ уште еднаш покажа дека оние кои незаслужено станале обвинители и судии се тие кои ја рушат довербата во правосудството. Загрижувачки е што владата на ДУИ и СДСМ спрема уште стотина такви, обвини утрово пратеникот и поранешен министер, Антонио Милошоски.

Според членот на ВМРО-ДПМНЕ, на 22-ри јануари се полага главниот квалификациски тест за 130 слушатели во Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО).

-Но, за да може, оние од списоците на ДУИ и СДСМ да поминат со максимум бодови, владата донела заклучок квалификацискиот тест да се полага писмено, наместо електронски. Ова е спротивно на членот 39 од Законот за АСЈО каде изрично е наведено дека квалификацискиот тест се полага по електронски пат, а се со цел да не може некој од Управниот одбор на АСЈО да им ги доодговори прашањата на владините фаворити за судии и обвинители, посочува Милошоски.

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ смета дека Владата се брза да протне уште 100тина свои обвинители и судии, бидејќи, како што вели, знае дека е во заминување.

-Но, Директорката на АСЈО, Габер, како и членовите на Управниот одбор треба сериозно да размислат дали ќе постапуваат по заклучокот на владата или ќе ги почитуваат законските обврски за полагањето на квалификацискиот тест. Како поука може да им биде случајот на Мухамед Зеќири, кој како генерален секртар на владата предност им даваше на владините заклучоци, наместо на законските норми, но потоа не заврши славно, потенцира поранешниот министер.

Слични содржини