Владата денес треба да одлучи: Дали ќе се разрешат директорите на М-НАВ или ќе се затвори небото над Македонија?

од Nikola Popovski
608 прегледи

Веќе неколку дена македонската јавност ја тресе невиден скандал во јавното претпријатие М-НАВ кое е задолжено за контролата на летање над земјава. Имено, откако Синдикатот на контролорите на летање предупреди на лоши услови за работа и партиски вработувања, група од осум мажи упаднаа во зградата каде што е контролната соба и нападнаа дел од дежурните контролори кои во тој момент набљудувале 28 авиони на небото.

Напаѓачите биле приведени, но набрзо ослободени, а контролорите на летање најавија штрајк доколку не се сменат директорите на ва јавно претпријатие.

Утврдено е дека групата напаѓачи ја предводел Беким Незири, вработен во М-НАВ, поранешен македонски министер за економија и претседател на локалниот огранок на ДУИ.

Тој и уште седуммина напаѓачи се осомничени за кривично дело загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, за што е пропишана затворска казна од најмалку 5 години. Полицијата го приведе Незири и уште четворица напаѓачи, а потрагата по четворицата се уште трае.

Обвинителството побара притвор за четворицата уапсени напаѓачи, но истражниот судија Пајазит Пајазити одреди само мерки на претпазливост со образложение дека обвинителството не приложило доволно докази дека постои закана за загрозување на воздушниот сообраќај.

Во моментот на нападот, во четвртокот, на 4 јануари, тој ден на скопскиот аеродром преовладувале вонредни услови поради слетување и полетување при магливо време и долги доцнења и пореметувања на распоредот на летање.

Контролорите на летање на скопскиот и охридскиот аеродром, со поддршка од два други синдикати во М-НАВ, соопштија дека нападот го сметаат за терористички акт.

„Влегувањето на неовластени лица во забранетата и заштитена зона е чист терористички чин според сите светски норми и закони“, наведуваат тие.

Во петокот, ден по нападот, директорот на М-НАВ, Фахрудин Хамиди, го нарече упадот „мал скандал што го има секоја компанија“ и одби да поднесе оставка, како и двајцата други одговорни директори.

Владата, пак, најави разрешување на сите членови на раководството и отворање на процедура за избор на нови. Ова треба да се случи на денешната седница.

Доколку Владата не го смени раководството на М-НАВ, од 10 јануари контролорите на летање ќе штрајкуваат на неопределено време и ќе го затворат небото над Македонија заради безбедноста на патниците, потврди претседателот на Синдикатот на контролори на летање, Александар Тасевски.

„Се надеваме дека сето тоа што се случи ќе резултира со смена на директори во М-НАВ, во спротивно ќе покажат дека ништо не им е важно во владата освен фотелјите“, изјави Тасевски.

Инаку, на инцидентот му претходеше едно од безбројните јавни настапи на синдикалците, кои со години предупредуваат дека јавното претпријатие за контрола на летовите, наместо високата стручност што ја бара таквата работа, се полни со некомпетентни кадри од страните кои управуваат со таа компанија.

Слични содржини