Управата за финансиска полиција во моментов врши проверки во М-НАВ. Контролата и увидот во работењето на компанијата, ги прават врз основа на доставениот извештај. Се вршат проверки поради сомневања за кривични дела. Контролите ќе бидат направени во финансискиот дел, како и во процедурите.
Влезот на Финансиската полиција во М-НАВ следува по вчерашниот инцидент во кој Беким Незири, вработен во институцијата и неколку други лица упаднаа во зградата на Контрола на летање на скопскиот меѓународен аеродром по прес-конференцијата на синдикатот на М-НАВ, на која порачаа дека нема да прифатат партиски вработувања.
Претседателот Стево Пендаровски денеска во вилата „Водно“ оствари средба со претставниците на Струковиот синдикат на контролори на летање, меѓу кои бил и претседателот на синдикатот, Александар Тасевски. Претседателот уште еднаш ја искажал својата поддршка за нивните заложби за одржување на професионалното ниво во функционирањето на М-НАВ.
На владината седница која е во тек се разгледува случувањата од 4-ти јануари. Ќе се носат одлуки за состојбата во М-НАВ како и одлуки за разрешување на тројцата раководители.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, кој е поранешен вработен во М-НАВ, за инцидентот вели дека „ова да се случи во друга земја, тие нема да можат да влезат внатре, без разлика кои се“.
-Се поставува прашањето, ако и во Белград некој покаже беџ дека работи таму и притоа стражарот знае, дали ќе го пуштат. Останатите кои се без беџ не можат да влезат. И тој што има беџ, не може да каже овие се со мене и да ги внесе. Ова не смееме да го дозволиме како држава. Можеме да претрпиме санкции од „Eurocontrol“, кажа директорот на ЦУК во емисијата „Студио 10“.