Орбан тврди: Европската комисија подготвува план Б за Украина

од Stefanija Kuzmanovska
253 прегледи

Унгарскиот премиер Виктор Орбан на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер) објави дека Европската комисија подготвува план Б кога е во прашање финансирањето на Украина и рече дека Будимпешта го поздравува тој потег.

„Добро е да се види дека Европската комисија го подготвува планот Б за први февруари, според кој финансиската поддршка за Украина може да се обезбеди надвор од буџетот на ЕУ. Ова е добра одлука! План Б на Европската комисија е планот А на Унгарија!“, наведе Орбан.

Претходно претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен изјави дека ЕК подготвува алтернативни опции за обезбедување финансиска помош за Украина, потсетува РИА Новости.

Британскиот весник „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори, објави дека Европската унија подготвува резервен план за помош на Украина во износ до 20 милијарди евра со зголемување на долгот, што ќе овозможи заобиколување на блокадите на Орбан.

Да потсетиме, Унгарија на самитот во декември го блокираше договорот на Европската унија за 50 милијарди евра за Украина од буџетот на Унијата. Тогаш 26 земји од ЕУ се согласија да ѝ обезбедат на Украина пари од буџетот на ЕУ до 2027 година, но Унгарија беше против тоа и потребна е едногласна одлука.

„Отсекогаш сум велел дека ако некој сака да го измени буџетот – и тоа го прави – тогаш е одлична можност Унгарија јасно да каже дека мора да го добие она што ѝ припаѓа. Не половина, или една четвртина“, рече Орбан во таа прилика, објаснувајќи дека пакетот помош за Украина е блокиран за да се осигура дека Унгарија ќе ги добие средствата кои ги сака од буџетот на ЕУ.

Слични содржини