Американската актерка Мариска Харгитај, ѕвезда на ТВ серијата „Закон и ред“, откри дека нејзин пријател ја силувал кога имала 30 години.
Мариска во голема исповед за магазинот People открила детали од своето искуство.
„Тоа воопшто не беше сексуално. Тоа беше доминација и контрола. Премногу контрола. Таа личност ми беше пријател. После тоа повеќе не ми беше. Се обидов на секој начин да се извлечам од тоа, но не можев да избегам бидејќи цврсто ме зграби за рацете и ме држеше“, напишала актерката.
„Не сакав тој терор да прерасне во насилство. Сега знам дека тоа веќе беше насилство, сексуално насилство, но се плашев да не стане и физички насилен. Едноставно ‘смрзнав’, што е вообичаен одговор на траума кога нема опција за бегство за жртвата“, опиша таа.
Актерката денеска признава дека ја минимизирала важноста на нападот, како што вели „се обидела да го втурне длабоко во задниот дел од умот“ за да ја надмине траумата.
Навела и дека му кажала на својот сопруг, исто така актер Питер Херман, со кој е во брак од 2004 година, дека тоа што го доживеала не е силување. Долго време, вели таа, верувала дека ужасот што го доживеала е всушност „ситен прекршок“. Барем така го протолкувала, бидејќи поинаку не можела ниту знаела како да се справи со болната реалност.
„Искуството беше ужасно, но ни најмалку не ме дефинира“, заклучила таа.