Русија засега не користеше нуклеарно оружје во напад на непријателски цели на територијата на Украина, изјави заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација Дмитриј Медведев.
„Користеше разни проектили со разни боеви глави, освен нуклеарни – засега“, предупреди Медведев.
Сепак, тој на Телеграм додаде дека тоа може да се случи и доколку трета страна ги игнорира законите и државната политика на Русија.
„Серијата неодамнешни интензивни и ефективни напади врз непријателски воени објекти на територијата на Украина, извршени од Вооружените сили на Русија ја потврдуваат успешната работа на одбранбената индустрија во текот на изминатата година. Исполнети се сите планирани испораки на специјално бараните видови оружје“, додаде Медведев и тврди дека за тоа го известил рускиот претседател Владимир Путин.
Во таа насока, тој им се заблагодари на сите за прецизната и координирана работа во изминатата година, говорејќи на состанокот на работната група на воено-индустрискиот комплекс за контрола на производството на најпотребното оружје.
Како што се договори со Путин, работната група и оваа година ќе продолжи да ја контролира набавката на потребниот вид оружје и ќе ги решава проблемите кои се јавуваат при неговото производство.