Британскиот премиер Риши Сунак потврди дека британското кралско воздухопловство заедно со САД извршиле напади врз позициите на Хутите во Јемен.
„Обединетото Кралство секогаш ќе ја поддржува слободата на пловидба и слободниот проток на трговија“, стои во изјавата на британскиот премиер, пренесува Би-Би-Си.
Тој додаде дека поради тоа биле преземени ограничени, неопходни и пропорционални активности за самоодбрана, заедно со САД, со неоперативна поддршка на Холандија, Канада и Бахреин, против цели поврзани со нападите на Хутите, со цел да се ослабат воените способности на Хутите и заштита на глобалниот превоз.
Сунак ги обвини Хутите дека извршиле серија опасни и дестабилизирачки напади врз комерцијални бродови во Црвеното Море, загрозувајќи ги британските и другите меѓународни бродови и предизвикувајќи значително нарушување на важната трговска рута и скок на цените на стоките.
„Тоа не може да помине“, предупреди Сунак.
Тој ги повика Хутите да престанат со нивните напади и да преземат чекори за деескалација.